Островската држава Барбадос го прошири својот дипломатски дострел на виртуелниот свет, откако беше првата суверена земја во светот што потпиша договор за основање дигитална амбасада во метаверзумот.
Владата на Барбадос во неделата потпиша договор за основање виртуелна амбасада во „Децентраленд“, дигитално опкружување засновано на „Етереум“, објави CoinDesk, повикувајќи се на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Барбадос.
Барбадос планира да отвори канцеларии и на други платформи и работи на детали за слични договори со платформите за виртуелна реалност, вклучувајќи ги Somnium Space и SuperWorld, соопшти Министерството.
Кога претставниците на Барбадос првпат ја одобрија амбасадата во метаверс во август, владата го опиша проектот како форма на „технолошка дипломатија“, велејќи дека може да ја отвори вратата за понатамошна културна размена со другите народи.
Отворањето на амбасадата, закажано за јануари, ќе го направи Барбадос првата земја во светот што ќе ја признае „дигиталната суверена територија“.
Иако оваа иницијатива е сè уште во рана фаза и донекаде експериментална, таа следи и други потези на оваа земја во последните години, вклучувајќи го и создавањето на електронскиот барбадоски долар во 2016 година.
Концептот беше предводен од актуелниот амбасадор на Барбадос во Обединетите Арапски Емирати, Габриел Абед, кој исто така ги води напорите за воспоставување на метаверс на амбасадата.
„Амбасадите се почетна точка за добивање виза за влез во земја или за патување без визи. Можете ли да замислите како тоа би изгледало виртуелно? И каде може да ве однесе таа е-виза?“, рече Абед во интервју за CoinDesk.
Тој рече дека виртуелната амбасада на Барбадос ќе биде во согласност со Виенската конвенција и меѓународното право, како и дека ќе ги обезбеди правата и заштитата што им се загарантирани на конзулатите и амбасадите.
