За само 5 часа на патиштата во Полошко во текот на вчерашниот ден откриени биле 185 возачи кои ја пречекориле дозволената брзина. Колку за споредба во скопскиот регион биле санкционирани 109, во битолскиот 62, во велешкиот 43 возачи.
На автопатот Гостивар -Тетово – Скопје се вози и со дури над 70 километри на час повеќе од пропишаното, а брзината неретко се надминува и низ градските улици. Во двата дена од викендот биле казнети 313 возачи.
Дел од возачите како да не ги плашат казните. Прекршителите, зависно пречекорувањето, ќе треба да платат од 45 до 400 евра, а на екстремно пребрзите времено им се одзема и возачката дозвола.
Граѓаните велат дека нема никаква сообраќајна дисциплина, така што потребни се почести контроли и казни.
Од полицијата велат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, дотолку повеќе што токму пребрзото возење било причина за 23 од тетовските октомвриски сообраќајни несреќи, а слична е состојбата и на гостиварското подрачје.
Данијела Билбилоска
