Советот за безбедност на Обединети нации синоќа усвои резолуција за Босна и Херцеговина, со која се продолжува мандатот на мисијата на ЕУФОР.
Резолуцијата 2604, со која мандатот на Мисијата на Европска Унија во БиХ е продлжен за една година, беше поддржана од сите 15 земји-членки на СБ.
Доколку резолуцијата не беше освоена, мандатот на ЕУФОР ќе завршеше утре. Во новата резолуција не се споменува Канцеларијата на Високиот претставник (ОХР).
Амбасадорот на БиХ во ОН, Свен Алкалај изјави дека неговата земја се наоѓа во најголема криза од завршувањето на војната во 1995 година и ги обвини властите во Република Српска за „суштинско поткопување“ на Дејтонскиот договор.
– Ова не го загрозува само мирот и стабилноста во земјата и регионот, туку може сериозно да го загрози и самиот Договор, посочи Алкалај.
Во недела во официјална посета на Босна и Херцеговина ќе пристигне специјалниот пратеник на американскиот претседател Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар, од кого што многумина очекуваат тој да излезе со конкретни решенија за актуелната политичка криза, односно да создаде процес на деблокирање на институциите и да го спречи колапсот на институциите на Босна и Херцеговина.
Ескобар пристигнува во време на длабока политичка криза во БиХ, а неодамна изјави дека потезите на членот на Претседателството на БиХ Милорад Додик се незаконски и дестабилизирачки и ги повика политичките лидери во БиХ да не одговараат на неговата реторика со што дополнително ќе ја заострат ситуацијата
