Повеќе од 100 светски лидери ветија дека ќе го запрат уништувањето на шумите и ќе реализираат огромна операција за пошумување до 2030-тата година, што е првиот поголем договор склучен на на самитот за климатските промени на Обединетите Нации, кој се одржува во Глазгов.
Меѓу потписниците е и Бразил, каде голем дел од амазонската прашума е уништен, со поддршка на претседателот на оваа држава, бразилскиот Трамп, Жаир Болсонаро.
Ветувањето вклучува речиси 19 милијарди долари финансиски средства за негово спроведување, јавни но и приватни средства.
Експертите го поздравија договорот, но предупредија дека и претходниот договор, постигнат 2014-тата година бил добар, но не успеа воопшто да го спречи уништувањето на шумите.
Уништувањето на шумите ги засилува климатските промени затоа што ја намалува шумската површина, која апсорбира огромен дел од јаглерод диоксиодот.
Домаќинот на самитот, британскиот премиер, Борис Џонсон, изјави дека вкупно 110 светски лидери, повеќе од кога било претходно, го потпишале договорот и ја презеле обврската.
“Клучно за амбициите на Британското претседателство со климатскиот самит е да дејствуваме веднаш и да ја завршиме улогата на освојувач на природата и наместо тоа да станеме нејзин чувар” –оцени британскиот премиер Џонсон.
Американскиот претседател најави дека неговата администрација ќе ги искористи сите свои алатки, дипломатски, финансиски и политички за запирање на уништувањето на шумите и нивна обнова.
“Со овој план, Соединетите држави ќе му помогнат на светот да ја исполниме нашата заедничка цел за запирање на уништувањето на шумите и обнова на најмалку 200 милиони хектари шуми и други екосистеми до крајот на 2030-тата година” – вели Џо Бајден.
Земјите кои го потпишаа договорот, вклучувајќи ги Канада, Бразил, Русија, Кина, Индонезија, Конго, САД и Обединетото Кралство – покриваат околу 85% од светските шуми. Дел од средствата ќе одат во земјите во развој за обнова на уништената шума, спречување на големите шумски пожари и поддршка на домородните заедници.
Владите на 28-те земји членки се обврзаа да го отстранат уништувањето на шумите од глобалната трговија со храна и земјоделски производи како масло од палми, соја и какао.
Повеќе од 30 од најгоилемите светски компании ветија и дека ќе ги прекинат своите инвестиции поврзани со уништувањето на шумите. Повеќе од милијарда долари ќе бидат инвестирани и за заштита на втората најголема тропска прашума во светот – во Конго.
Двонеделниот самит во Глазгов се смета за клучен доколку треба климатските промени да се стават под контрола.
Никола Илиевски
