Италијанскиот град Бергамо, кој беше најтешко погоден од првиот бран на Ковид-19 пролетта 2020-та година, денеска посвети споменик на жртвите од смртоносниот вирус, кој носи длабока симболика. Тука не станува збор за студен споменик, лиен во бронза, или клесан од камен, туку жив споменик, шумичката во паркот наспроти болницата каде стотици пациенти го загубија животот. Многу градови ширум светот поставуваат споменици за да им оддадат почит на загубените животи во пандемијата, но Бергамо им посвети дрвја кои создаваат кислород.
Ова е место полно со спомени, но исто така исполнето и со иднина, оттука идејата да не поставиме плакета, туку споменик кој дише преку дрвјата. Дишењето кое е многу силна врска со болеста која го одземаше, и сѐ уште го одзема здивот. Значи од една страна ја имаме почитта и сеќавањата на сите оние кои повеќе не се тука, но од друга страна е и идејата да создадеме место кое ќе биде за заедницата, изјави Марко Бочини од Здружението на доблесни општини, кое го промовираше проектот.
Речиси секој жител на Бергамо во пандемијата изгуби роднина или пријател. Во најцрните денови, во текот на пролетта минатата година на градските гробишта повеќе немаше место за погребување на починатите.
Мислам дека ќе останат многу спомени за тоа што се случи во Италија, и во светот, во 2020 и 2021, особено овде пролетта 2020-та година. Ќе бидат напишани многу книги, има многу фотографии, слики од Бергамо целосно испразнет за време на карантинот, затоа мислам дека спомените ќе остават длабок белег во оваа заедница, порача градоначалникот Џорџо Гори.
Италија сѐ уште нема посветено национален споменик во чест на 132.000 починати во пандемијата, но им го посвети 18-ти март за ден на сеќавање.
Шумата на спомените во Бергамо ќе има 700 дрвја, двојно повеќе од бројот на смртни случаи во првиот бран минатата година. До сега се посадени само 100 дрвја, и тоа во делот на паркот кој гледа кон мртовечницата на болницата. За сега не се планира да се постават табли со имиња, но еден од садниците веќе е присвоен. Околу него се засадени рози, од неговите гранчиња висат лични предмети и на мал бел камен стои името Серџо.
Игор Трајков
