Градоначалниците на Штип, Делчево, Карбинци, Берово, Зрновсци и Виница кои поминаа во првиот круг имаат и стабилно мнозинство во Советите на општините.
Новиот штипски градоначалник, Иван Јорданов со 13 советници зад него нема да има проблеми при носење на клучните одлуки за општината, но и за новите кадровски решенија во институциите. Во опозиција се СДСМ со девет и Левица со еден советник.
Општинската изборна комисија чека дали некоја од политичките партии доставила приговори до ДИК. Новата локална власт се очекува наредната недела.
Во вториот круг ќе трчаат по двајца кандидатите за градоначалник во Кочани, Пробиштип, Пехчево, Македонска Каменица и Чешиново-Облешево, но во овие општини во Советите ќе имаат и независни советници, кои се појавија како четврта политичка сила во Брегалничкиот регион.
Без разлика кој од кандидатите за градоначалници ќе победи во вториот круг нема да им е комотно во градоначалничката фотелја.
Во Кочани силите меѓу двете големи македонски партии се изедначени, но има и по еден советник од коалицијата на ДОМ и ЛДП, Левица и еден независен советник, во Пробиштип по седум советници имаат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, а друштво ќе им праве еден независен советник, во Пехчево има двајца независни советници, а во Македонска Каменица се очекуваат тројца, ќе се знае по одлуката на ДИК по приговорот на СДСМ на избирачко место 618.
Викторија Јованова
