За една недела од Ковид починале 26 целосно вакцинирани пациенти. Од нив, двајца биле вакцинирани со вакцината на „Фајзер“, тројца со „Астра Зенека“, четворица со „Синовак“, а 17 со „Синофарм“. Сите имале хронични заболувања, како малигнитет, кардиолошки заболувања, белодробни заболувања, проблеми со тироидата или дијабетес. Во период од 8 до 14 октомври починале 105 пациенти со Ковид-19, од кои над 75 отсто биле невакцинирани. Само еден од починатите пациенти немал хронично заболување и имал 80 години. Министерството за здравство соопшти дека неделно ќе информира за починати лица со Ковид-19 кои биле комплетно вакцинирани, какви хронични заболувања имале починатите и колку од починатите со каков тип вакцина биле вакцинирани.
Во меѓувреме, од комитетот за имунизација е одлучено, сите што примиле некоја од кинеските вакцини по трета доза да дојдат по три месеци од примената втора доза. Вакцинацијата со трета доза е со вакцина на производителот „Фајзер“, а вакцинацијата е без закажан термин на кој било вакцинален пункт во државата. За граѓаните кои примиле друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да примаат после поминати 6 месеци од ревакцинација.
Во текот на вчерашниот ден, пет луѓе ја загубија битката со ковидот. Најмладиот е на возраст од 43 години. Во речиси секој ковид билтен се регистрирани млади луѓе кои ја загубиле битката со болеста. По смртта на 19-годишното девојче, кое немало никакви други заболувања, алармот одново засвети црвено. Според докторите, делта варијантата од вирусот е брзо пренослива и тешко се контролира.
