Пациент на 22 години, позитивен на Ковид од 9 октомври, трипати се јавува во болница, по што неговата состојба се влошува и сатурацијата му опаѓа до 55% проценти. По ова, тој ја губи битката со вирусот.
Ова е еден од многуте вакви случаи со млади пациенти кои не успеаја да се изборат со болеста. Еден ден пред смртта на 22 годишниот пациент, поради компликации од Корона починал 28 годишен пациент од Скопје.
Институтот за јавно здравје ги има податоците и за 27 годишен пациент од Крива Паланка, запишан во извештајот од 12 октомври.
Овие бројки доаѓаат по одреден период во кој во дневните извештаи за починати стоеја податоците за повозрасни пациенти. На што се должи сето тоа и зошто починуваат младите пациенти и во случаи кога неколку дена веќе добиваат терапија и кога се јавуваат навремено на лекар, Телма побара одговори од стручните лица.
Доктор Злате Мехмедовиќ вели дека главен удел во тоа има Делта-варијантата и полесната преносливост на вирусот особено кај младите.
„Еве гледаме дека веќе не е реткост да имаме такви случаи на млади пациенти коишто ја загубиле битката со вирусот иако биле мониторирани по терапија и биле хоспитализирани. И нормално, треба да се види дали тоа Упатство (за лекување) коешто е донесено е согласно последните протоколи и препораки базирани на медицина базирана на докази и дали можеби ќе треба да се промени нешто во тој Протокол за којшто од Министерството велат дека е донесен како унифициран и дека се следи сегде, со тие мали отстапки коишто ги спомнуваат во третирањето на пациентите. А, ако имало отстапки од Протоколот во лекувањето, тогаш треба да има сериозни индиции за тоа односно да има објаснување зошто одреден Протокол не е следен во целост односно има мали отстапки коишто се на индивидуално ниво“ вели доктор Злате Мехмедовиќ.
За терапијата и лекувањето побаравме повеќе информации и од Министерството за здравство. Оттаму информираат дека станува збор за унифицирано лекување на пациентите со Ковид.
Секој пациент добива индивидуален пристап според параметри како возраст и хроничните болести. За Националните протоколи за лекување велат дека се според урнекот на проколите на светско ниво.
„Националните протоколи се надградуваат согласно со промената на светските стандарди на лекување на пацинетите со Ковид. Најчесто, пациенти кај кои болеста завршува со смртен исход се пациенти со повеќе комбинирани коморбидитети или хронични заболувања. Обезноста исто така понекогаш знае да предизвика влошување на состојбата кај пациентот, но сепак многу битно за исходот од третманот на болеста е навременото јавување во болница и секако целосно спроведената вакцинација.“
Дополнително, од Здравство информираат дека во период од 8 до 14 октомври починале вкупно 105 пациенти со Ковид 19, а од нив над 75% биле невакцинирани. Од вкупно починатите пациенти во период од 8.10 до 14.10, 26 пациенти починати со Ковид 19, биле вакцинирани.
Само еден од починатите пациенти немал хронично заболување и имал 80 години.
Двајца пациенти се вакцинирани со вакцината на Фајзер, тројца со Астра Зенека, четворица добиле Синовак, а 17 пациенти примиле вакцина од производителот Синофарм.
Во насока на превенцијата од ширење на вирусот, пак, здравствените власти од утре започнуваат и со спроведување на скринингот на средношколците за да се утврди дали некој од нив е асимптоматски носител на коронавирусот.
Процесот ќе започне во девет средни училишта во Скопје. Во текот на денот ќе се тестираат 258 средношколци.
Петар Догов
