Вести

Денеска протест поради препишување на манастирот Цетиње на СПЦ

Пред Владата во Подгорица денеска ќе се одржи протестен собир против одлуката на катастарската управа да го регистрира манастирот Цетиње како сопственост на Митрополијата црногорско приморска на Српската православна црква (СПЦ).

– Само во таква несреќна Црна Гора директорот на катастарот и управата за државен имот може да ја пренесе сопственоста на друга држава на најголемото светилиште на црногорската државна слобода – манастирот Цетиње, се вели во соопштението потпишано од група граѓани од Цетиње објавено од локалните медиуми.

Управата за катастар и државен имот на Црна Гора го регистрираше манастирот Цетиње како сопственост на Митрополијата црногорско приморска на Српската православна црква (СПЦ).

– Манастирот Цетиње е регистриран како сопственост на Митрополијата црногорско приморска, изјави вчера за телевизијата Вијести директорот на катастарот и управата за државен имот Коча Ѓуришиќ, со оценка дека со тоа е „исправена грешка“ од 1996 година.

Според него, со одлуката од 1996 година, манастирот Цетиње бил сопственост на Митрополијата, но поради „компјутерска грешка“, во базата на податоци, наместо право на сопственост, бил внесен терминот користење.

Цетинскиот манастир досега во евиденцијата на Управата се водење како сопственост на главниот град Цетиње.

Опозициската Демократска партија на социјалистите вчера објави дека ќе поднесе кривична пријава против одговорните „за кражба на имот и малверзации извршени во текот на оваа постапка“.

Заштитничката на имотните и правните интереси на Цетиње, Снежана Попивода, изјави дека одлуката за регистрација на манастирот Цетиње на Митрополијата црногорско-приморска е правно неоснована, бидејќи по исто правно прашање не може двапати да се иницира постапка, како што не може ниту Управата за катастар и државен имот, независно од другите државни органи и самостојно да одлучува по жалби на Митрополијата црногорско-приморска.

Митрополијата се жалеше и бараше манастирот Цетиње да се запише како нејзин имот.

Владата на Црна Гора, без одржување седница, на 13 септември одлучи сопственоста над манастирот Цетиње да ја запише на државата Црна Гора, а не на главниот град Цетиње, како што беше случај од 1996 година.

Собранието на главниот град Цетиње претходно протестираше против ваквата одлука на Владата и ја поддржа граѓанската иницијатива која бара манастирот Цетиње да биде „подеднакво отстапен“ на сите православни верници во Црна Гора, односно на свештенството и верниците од Црногорската православна црква.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЕУ го брани Меѓународниот кривичен суд откако Рубио најави кампања за негова изолација

Kristina Kuzmanovski

Кина во јуни ја проби границата од еден милион извезени автомобили месечно

Sasko Dimovski

(Видео/Фото) Франција со воена парада го одбележа Денот на Бастилја

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе