Вести Македонија Топ вести

Увид во рудникот Бучим каде загинаа две лица

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш заедно со увидна екипа, кримтехничар од Министерството за внатрешни работи и инспектори за труд и безбедност при работа извршија увид во рудникот Бучим, работна единица Флотација, каде вчера околу 11:50 часот две лица го загубија животот, а едно се здобило со телесни повреди.

Според првичните сознанија, стои во соопштението од Службата за односи со јавноста при Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, до несреќата дошло при чистење на два силоси, високи по 25 метри, со дијаметар од 17 метри, во кој се складира руда. Починатите, жители на Радовиш, членови на алпинистичкото друштво „Плоча“, на возраст од 20 и 45 години, се појаснува, биле ангажирани со договор помеѓу две правни лица за специфична услуга за чистење на силосите полни со руда.

– Во текот на увидот, по дадени насоки и наредби од обвинителството, извршено е фотографирање на самото место на настанот. Обезбедени се затекнатите траги и предмети. Идентификувани се и извршен е разговор со лицата присутни на местото на настанот. Обвинителството издаде наредби за обезбедување на техничката документација за силосите,  целокупната документација за ангажманот на алпинистичкиот клуб „Плоча“, правилниците за работа на работната единица Флотација. Издадена е и наредба за вршење на обдукција на телата на починатите, се наведува во соопштението.

Забрането е работењето на тој дел од рудникот и ќе биде обезбедуван од полициски службеници, за да по дадена наредба од обвинителството утре (14 октомври 2021) се продолжи со вршење на увид на самото место со присуство на техничка инспекција со рударски инженери.

Основното јавно обвинителство Радовиш презема и други дејствија за откривање на причините за несреќата.​

Македонската алпинистичка федерација со неверување ја прими информацијата за несреќата во еден од силосите на рудникот „Бучим“.

Со длабока жал споделуваме дека смртно настрадани во несреќата се алпинистот Зоран Мајсторски и Драган Станишков од Радовиш. Искрено сочувствуваме со фамилиите на двајцата – порака на сочувство на официјалната Фејсбук страница на федерацијата.

Зоран Мајсторски беше еден од столбовите на Македонскиот алпинизам кој остави значителен алпинистички траг. Алпинистите од МАФ и алпинистичката заедница остануваат без драгоцен другар и непроценлив алпинистички потенцијал. Зоран Мајсторски вечно ќе остане запаметен преку неговите искачувања, пишува во фејсбук-објавата на Македонската алпинистичка федерација.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Од 189 комунални возила само 76 во исправна состојба – ревизорите со најниска оценка за работењето на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје

Tea Dimkovska

Цената на нафтата бележи нов скок поради нападите меѓу Иран и САД кои не запираат

Tea Dimkovska

Онлајн трансакциите достигнаа речиси 266 милиони евра во првиот квартал од 2026 година

Promo Telma

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе