Не само објектот на поранешното кино „Напредок“, денес Албанскиот театар за деца и млади, кој со денационализација како вакафски имот е вратен во сопственост на Скопското муфтиство при ИВЗ, на муфтиството му се вратени и два други објекти од Старата скопска чаршија, која е прогласена за културно наследство од особено значење.
Капан ан, Безистен и објектот на некогашното кино „Напредок“, се веќе вратени во сопственост на Скопското муфтиство при ИВЗ. А, во процедура е враќањето на сопственоста и на други национализирани објекти. Сите објекти беа во сопственост на ИВЗ до 1950 година, а со национализацијата ни биле одземени, вели Ќенан Исмаили.
Во постапка е и враќањето на сопственоста на Сули ан, на ИВЗ. Согласно Законот за културно наследство, Старата скопска чаршија е прогласена за културно наследство од особено значење. Затоа објектите не може да бидат предмет на денационализација, велат од Министерството за култура.
До сега со Капан ан, Безистен и Сули ан, управуваше АД за стопанисување со станбен и деловен простор и тие може да бараат од Правобранителството во судска постапка да побара поништување на решението за денационализација, велат од Министертвото за култура.
Актерите од Албанскиот театар за деца вчера побараа поништување на решението од Комисијата за денационализација, со коe сопственоста на објектот на театарот се враќа на ИВЗ. Според нив , се работи за штетна одлука, спротивна на Законот за денационализација. Но и ИВЗ се повикаа на истиот закон. Министерството за култура веќе поднесе барање до Правобранителството за поведување судска постапка за поништување на решението. Но Правобранителството ја одби со одговор дека согласно Законот за денационализација, имало основ за враќање на објектот на ИВЗ. Кој и да е сопственик мора да ги заштити овие објекти, велат од Управата за заштита на културното наследство.
Сотир Трајков
