Наместо од прес-конференција по вчерашната средбата со владиниот тим на чело со премиерот Зоран Заев, но и различните пораки кои стигаат од Брисел за зачленувањето на Западниот Балкан во ЕУ, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи избра пораката за пристапувањето на Македонија и проширувањето на ЕУ да ја испрати денеска, он-лајн, од конференција за граѓанското општество.
„Вчера бев во Скопје, една недела порано бев во Софија и се обидуваме да ги придвижиме работите, да се придвижиме напред најбрзо што можеме. Ние сакаме ова да се придвижи уште ова година. Суштинско е сега Европа да испорача на својот најважен геостратешки избор, а тоа е целосна интеграција на Западниот Балкан во ЕУ“,
Вархеи откако вчера во речиси тајната посета на Скопје успеа да ги избегне новинарите, денеска без притисок од нивините прашања за информации кои стигаат од Брисел дека ЕУ веќе не може да го гарантира членството на регионот во Унијата, изрази надеж дека идната недела од самитот ЕУ – Западен Балкан од европските лидери ќе се слушне многу јасна порака за европската иднина и интеграција на регинот.
За загрижувачките информации за регионот кои по неофицијални канали стигаат од Брисел и оти поддршката за проширувањето ќе биде изоставена во декларацијата од самитот ЕУ- Западен Балкан во Словенија, премиерот Заев со став дека проширувањето не е доведено во прашање.
„Наративот кој што дел од земјите сакаат да го преточат, сакаат да бидат на линија на новата методологија. Значи процесот мора да биде во делот на успешноста и европеизацијата. И во функција на тоа јас ги разбирам и Франција и Холандија и Данска кога го дефинираат самиот наратив. Но нема никаква двосмисленост или нејаснотија во желбата на сите 27 земји-членки за идната интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Тоа ни беше појаснето и од претсдателката на ЕК и од комесарот Вархеи“, изјави Заев.
За прашањето пак од кое и зависи на Македонија стартот на преговорите, кревањето на ветото од Бугарија, за што, меѓу другото било разговарано со Вархеи вчера, Заев рече дека има поместувања по тоа прашање.
„Има поместување затоа што Бугарија се повеќе и повеќе ја разбира неопходноста на нашите потреби прашања и важни аспекти од разговорите преку кои не може да се помине. Од тој аспект поместувањата се на меѓусебно поместување, не се дефинирани сите чекори и правци. Затоа треба да се разговара следниот чекор. Но ова се сериозни позитивни пораки на Бугарија на кое што сакаме да возвратиме, исто така, со позитивни пораки“, рече Заев.
Заев не кажа дали поместувањето во бугарските позиции го опфаќа и тврдењето дека македонскиот јазик и нација се вештачки создадени по 1944 година, со објаснување дека не сака да коментира нешто што досега не било официјален бугарски коментар и оти тој такво нешто никогаш не слушнал во разговорите со бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Стефан Јанев. Инаку спорењето на постоење на македонскиот јазик и нација пред 1944 и тврдење дека тие имаат бугарски корени и се со декрет во 1944 беше една од главните аргументи за ветото од Бугарија на претходната влада во Софија.
Тамара Грнчароска
