САД го зголемуваат притисокот врз Бугарија, барајќи од неа да се откаже од ветото за интеграција на Македонија во ЕУ и брзо да ја одобри преговарачката рамка за членство на Скопје во унијата, пишува магазинот „Еурактив“.
Погрешно е Бугарија да користи билатерален спор за да ги запре аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Тие го претвораат ова во мултилатерално прашање што нѐ засега сите нас, вели заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи и специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар во интервју за Радио Слободна Европа.
Според него, дадени се некои „добри решенија“ за решавање на прашањето и Вашингтон ќе продолжи да ја притиска Софија да се најде компромис. Ескобар, исто така, вели дека дека би сакал пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија да почнат оваа година, додавајќи дека двете земји го заслужија тоа.
„Еурактив“ наведува и дека еврокомесарот за проширување Оливер Верхеjи вчера беше во Софија и се сретне со претседателот Румен Радев и министерот за надворешни работи Светлан Стоев. Главна тема на средбите е бугарското вето за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.
