Се палат роденденските свеќички. Македонската држава полни 30 години. На 8-ми септември 1991-та, претседателот Киро Глигоров, во придружба на премиерот Никола Кљусев, бројни политичари и граѓани, соопшти дека народот гласаше за самостојна македонска држава.
Со Декларацијата за независност од јануари истата година и со Уставот во ноември, во незаборав влегоа и пратениците, министрите и сите актери во подготовката и реализацијата на овие историски настани.
Се наежив. Тоа беше првото чувство. Тоа бе анемирни денови во кои ден за ден се пишуваше историја. И морам да кажам дека сум многу горда што сум еден од основоположниците кои ја изградија првата, самоуверена македонска држава која што е независна, самостојна – одраз на волјата на многу граѓани, на многу културни дејци, на многу историски дејци кои гинеле за таа цел, а не успеале да доживеат и да видат посебна самостојна држава, сведочи Ѓулистана Марковска, поранешна пратеничка
Првото чувство беше дека нашиот народ е слободен народ во тој момент во тој парламент. Само слободен народ може да донесе одлуки врз кои може да се конституира држава, вели Туше Гошев, поранешен пратеник
Албанците, некои учествуваа, некои не. Меѓутоа, желбата беше голема кај Албанците и во мојата партија – Македонија да биде независна. Затоа што во тоа време сите сакаа да бегаат од тој хегемонизам на Милошевиќ и тој режим. Но, во истовреме баравме образование на мајчин јазик, да не има повеќе во администрацијата на државата, културата, јазик…, вели Исмет Рамадани, поранешен пратеник на ПДП.
Влеговме во ОН, станавме членка на ОН и државата полека, полека почна да се формира, да се формираат институциите, се направи влада, излегоа македонските пари, македонски спортски клубови, сето она што значи атрибут на една државност. Тоа беше оној дел кој можам да кажам дека ние го изработивме добро, вели Александар Флоровски, поранешен пратеник на ВМРО ДПМНЕ.
Би сакале сегашните парламентарци повеќе да се почитуваат, да соработуваат и да употребуваат покултурен вокабулар. Сметаат дека нивните мислења каде оди македонската држава, дали скршна од патот што се трасираше пред 30 години, и дали тој пат се исправа, треба да бидат слушнати.
Соња Николовска
