Ковид19 Македонија Најважни

Учебната година почнува, родителите во прашалници?!

Кога да дојдат децата во училиштето, во кои училници, дали ќе одат во смени, каде ќе јадат, ќе има ли целодневна настава и дневен престој, под какви услови ќе бидат тие организирани, дали наставничките им се вакцинирани? Голем број прашања ги мачат родителите на два дена пред почетокот на учебната година, но одговорот што најчесто го добиваат е: ќе дознаете на Први септември. Тогаш се закажани и родителските онлајн средби, а во последен момент, овие два дена се одржуваат и средби на министерката со директорите на средните училишта. Родителите, чии деца денеска конечно ги земаа свидетелствата за минатата година, се информирани за протоколите што владата веќе ги објави, но ретки се училиштата кои информираа и за конкретните правила. Повеќето го поддржуваат почетокот на наставата со физичко присуство, иако се загрижени.

Стравот дека училниците може да станат жариште за трансмисија на вирусот ја вжешти дебатата и меѓу лекарите. Се посочува дека епидемиолошката состојба не е иста во сите општини и се сугерира дека процесот на настава треба да се прилагоди според тие индикатори. Односно, училиштата во соработка со родителите да одлучат дали наставата треба да биде со физичко присуство, онлајн или комбинирана, сѐ додека не се стабилизира епидемиолошката состојба. Други пак сметаат дека учениците треба да бидат тестирани пред стартот на учебната година. Стравот се зголеми откако се дозна дека две наставнички од основно училиште во Скопје се заразени со коронавирусот и се во домашна изолација иако биле вакцинирани со по две дози од вакцината „Спутник“.

Но, министерката изјави дека нема промена на планот и освен во Тетово и Гостивар, во сите училишта учебната година ќе почне со физичко присуство.

Случајно или не,  министерката изјавата ја даде во пробиштипското  основно училиште, „Никола Карев„, кое е едно од училиштата со највисок процент од 90 отсто вакцинирани наставници.  Државниот просек е околу 70 отсто вакцинирани вработени во училиштата, но, што е со тие каде овој процент е помал од просекот? За нив нема јавни податоци, не се знае за кои општини и училишта се работи. Организирана вакцинација нема да има, како што нема ниту тестови за учениците и наставниците. Д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, ги повика на помош и кандидатите за градоначалници на Скопје.

Денеска и од СЗО и УНИЦЕФ повикаа училиштата да останат отворени и да се направат побезбедни. Се препорачува вакцинација на наставниците и другиот училишен персонал, како дел од националните планови за вакцинација. Се посочува да се земе предвид и вакцинација на децата на возраст од 12 и повеќе години со медицински состојби од висок ризик, често проветрување на училниците, помали паралелки, физичко дистанцирање и редовно тестирање на децата и вработените.

Далиборка Демјанска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: Владата е пред чекор на решение самата да ja гради ХЕ Чебрен и Галиште- проектот би чинел 1,5 милјардa евра

Дејан Дејан

Скопје и Атина ќе работат на унапредувањето на квалитетот на здравствената заштита, со поддршка на СЗО

Дејан Дејан

Законите за судска и јавнообвинителска служба поминаа во прво читање

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе