Пандемијата е далеку од завршена. Ќе престане само кога ќе биде вакцинирано најмалку 70% од населението. Ова се најновите предупредувања од СЗО, која повикува забрзување на вакцинацијата, пред почетокот на туристичката сезона и олеснување на мерките. Имунизацијата се уште оди со бавно темпо, бавно и неправилно се доставуваат вакцините, и затоа се предлага земјите да почнат со локално производство на вакцините. Но, и за овој чин е потребна помош од меѓусебна соработка.
За локалното производство, многу е важно да се има глобален план или резолуција. Но, клучот е работа на земјите една со друга. Поради ковидот, како што знаете, има недостаток на вакцини и ние се обидуваме да ги надополниме празнините во производството. Соработуваме со земји од многу континенти и ги поддржуваме, изјави Тедрос Гебрејсус, директор на СЗО.
СЗО помага на земји од Африка, Јужна Америка и Јужна Азија да поттикне локално производство на вакцини против ковид, со оглед на тоа што во овие земји корона вирусот не се смирува, лесно мутира и јавува нови соеви кои наскоро можат да станат имуни и на постоечките вакцини. Новите соеви од вирусот, кои побрзо се шират, за само неколку денови можат да допатуваат и до богатите земји каде има вакцини, но не и волја за имунизација. СЗО е загрижена за Европа, каде досега само 26% проценти од населението примило прва доза од вакцината.
Во меѓувреме, по наредба на американскиот претседател Бајден, разузнавачките агенции се подготвуваат подлабоко да истражат дали вирусот потекнува од лабораторија во Кина, или пак е дел од природата. Од СЗО бараат политиката да се одвои од оваа истрага и да ги остават научниците самите да работат на оваа тема за да се добијат вистинските одговори.
Би сакале сите таму да ја одвојат, ако можат, политиката од ова прашање од науката. Целиот процес е затруен од политика, вели доктор Мајкл Рајан од СЗО.
Уште многу студии ќе бидат потребни за да се утврди потеклото на вирусот, но научниците бараат да работат во деполитизирана средина каде науката и здравството ќе бидат објективни, а полтиката ќе стои настрана.
Алиса Шутиноска
