Свет

Преговорите за примирје започнуваат, но насилствата се засилуваат во Газа и Западниот Брег

Американски дипломатски претставник пристигна денеска во Тел Авив за да изврши притисок врз двете страни да ги запрат насилствата. Најмалку 150 лица загинаа во Појасот Газа, но и Западниот Брег каде што се прелееја судирите, додека во Израел загинаа 8 лица, меѓу кои само еден војник. 34 од загинатите во израелските воздушни напади врз Газа се деца, додека во ракетните напади на Хамас врз израелска територија животот го загубија 2 деца.

Ја повикуваме меѓународната заедница да ги спречи ционистичките окупатори во нивните ликвидаторски практики против нашиот народ. Ѝ велиме на меѓународната заедница дека ако ова не е првиот масакр врз палестински семејства, тогаш нека биде последен, во согласност со меѓународното право, кое до денешен ден Израел не го почитува, обвини Ашраф Ал Кедра, Министер за здравство на Газа.

Пристигнувањето на Хади Амр, како американски претставник кој ќе учествува во преговорите меѓу Израел, Палестинците и претставниците на ООН, не беше дочекано со голем ентузијазам од страна на оние кои се надеваа дека Вашингтон поактивно ќе се вклучи во напорите за прекин на огнот, особено по засилувањето на судирите кои започнаа во понеделникот.

Го замолив заменик помошникот државен секретар Хади Амр веднаш да отпатува во регионот и да се сретне со израелските и палестинските лидери. Тој ќе го искористи своето децениско искуство, и особено, ќе побара во мое и во име на претседателот Бајден, деескалација на насилството, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Разочарувањето кај Палестинците е уште поочигледно. Тие веднаш го обвинија Вашингтон за одолговлекување, посочувајќи на одложувањето на состаноците на Советот за безбедност на ООН, и сметаат дека испраќањето на американски државен службеник од четврти ешалон, нема да ги натера Израелците да послушаат.

Но од друга страна американскиот претседател Џо Бајден и нема голем избор. 4 месеци по стапувањето на функцијата, неговиот тим за надворешни работи се уште не е комплетиран. За амбасадорското место во Израел се уште нема ниту номинирани кандидати, па испраќањето на Амр повеќе наликува на проморана одлука, колку да се покаже дека Вашингтон се обидува да направи нешто.

Сепак израелските воздушни напади и палестинското гранатирање не престануваат, извори од израелското министерство за одбрана, не ја исклучуваат ниту можноста од копнена инвазија, иако посочуваат дека таква одлука се уште нема.

Хамас направи сериозна грешка кога одлучија да го нападнат Израел. ИОС одговорија со напад, во рамки на кој оперираме врз основа на претходно подготвени планови и во кој имаме уште фази, кои сме подготвени да ги исполниме, порача шефот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили Генерал Полковник Авив Кочави.

Ситуацијата може дополнително да ексалира затоа што денеска Палестинците ја одбележуваат Ал Накба, Катастрофата, односно присилното иселување на стотици илјади Палестинци од своите домови, кое започна по прогласувањето на независноста на Израел во 1948 година.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ентони Блинкен до Си Џипинг: Поддршката за руската одбрана ја загрозува европската безбедност

Дејан Дејан

Покажаа разбирање за барањето за имунитет – врховните судии наклонети кон конзервативците во случајот со Трамп

Дејан Дејан

Зголемени разлики, зачестени разговори – Блинкен на средба со Џинпинг во Кина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе