Митко Јанчев е најдобриот градоначалник во земјава. (графикон 10) Несогласувањата со раководството на неговата ВМРО ДПМНЕ не ја поматија неговата популарност, дури напротив, му донесоа добар рејтинг од 25 одсто кај сопартијците, но и 5 одсто кај поинаку определените, односно, 10 и пол одсто популарност кај сите испитаници во анкетата на МЦМС. Сличен е случајот и на третопласираниот, Максим Димитриевски од Куманово, кој ужива подеднаква поддршка меѓу приврзаниците на СДСМ и на опозицијата, додека меѓу нив двајца со 7 и пол одсто стои Арбен Таравари од Гостивар, кој во албанската заедница има поддршка од една четвртина испитаници. Листата продолжува со Теута Арифи од Тетово, Висар Ганиу од Чаир, Петре Шилегов од Скопје, Стефан Богоев од Карпош. За 44 градоначалници се изјасниле помалку од 1 одсто, а 14 воопшто не се споменати. И покрај тоа, 82 одсто од симпатизерите на СДСМ сметаат дека нивниот градоначалник заслужува уште еден мандат додека 87 одсто од приврзаниците на ВМРО ДПМНЕ се против.
Според оваа анкета, на претстојните локални избори само за двете најголеми партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, ќе гласаат 44 одсто. Опозициската партија има предност од 0,8 одсто. ДУИ и натаму води меѓу албанците со 8 одсто, веднаш по неа е Алијанса со 6,2, а на оваа четворка и се доближува Левица со 5,2 одсто. Сепак, пресудни ќе бидат оние што не споменале партија: над 18 одсто ќе го поништат гласачкото ливче, а речиси 16 одсто не знаат за кого ќе гласаат или одбиваат да кажат.
Етничката припадност има влијание врз овие резултати. 31,5 одсто македонци ќе гласаат за ВМРО ДПМНЕ, 27 одсто за СДСМ и 7,3 за Левица. Од другите заедници, за СДСМ се речиси 40 одсто а само 9 одсто за ВМРО ДПМНЕ. Кај албанската заедница, 32 одсто се за ДУИ, 24 одсто за Алијанса а над 7 одсто за некоја друга партија.
Анкетата ја спроведе М Проспект за истражувањето на МЦМС. Податоците се прибирани во телефонска анкета во периодот од 17 до 24 март годинава. Анкетата е спроведена на фрепрезентативен примерок од илјада и тројца испитаници.
Соња Николовска
