Потребна е темелна истрага за комплексниот случај со злоупотребата на пасошите, стои во соопштението на американската амбасада по денешната средба на амбасадорката Кејт Мери Брнз со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Амбасадорката пред надлежниот министер ја потенцирала и „важноста на заштитата на интегритетот на системот за издавање пасоши на Северна Македонија.“ Средбата доаѓа по неколкуте полициски акции и истраги кои се извршени со помош на американски службеници и истражители. Амбасадата соопштува дека на средбата Спасосвки и Брнз се согласиле дека „е важно да се изолира овој и другите неодамнешни случаи од политиката и да се осигура независна и брза истрага“.
Во истрагата Двојник учествувал и претставник на американската амбасада со технолошка помош за препознавање на лица, додека во акцијата за заплена на марихуана на Плетвар учествуваа и агенти на ДЕА, американската служба за борба против трговија со дрога.
