Вести Македонија Топ вести

Од проневери во ФФМ до местење тендери во Царина – јуни во знакот на истраги, ревизии и корупциски настани

Транспаренси Интернешнл-Македонија го објави најновото издание на месечниот мониторинг „Бистро-Матно“, во кое ги издвојува случаите поврзани со корупција и борбата против корупцијата во земјава за јуни 2026 година.

Во категоријата „матни“ настани, организацијата ги посочува истрагата за проневера од околу три милиони евра во Фудбалската федерација на Македонија, во која осомничени се двајца поранешни претседатели на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и Мухамед Сејдини, како и поранешната сметководителка на федерацијата. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бара притвор за осум лица и мерки за претпазливост за уште четири, додека истрагата опфаќа вкупно 18 физички и осум правни лица.

Меѓу случаите е и кривичната пријава против поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, кој е осомничен за местење тендер за одржување хигиена на граничните премини и примање поткуп. Финансиската полиција поднесе пријави и против уште неколку лица и една компанија поради сомнежи за злоупотреби во јавните набавки и коруптивни дела.

Транспаренси Интернешнл ги издвојува и последните ревизорски извештаи на Државниот завод за ревизија, во кои се нотирани слабости во системот за исплата и контрола на правата од социјална заштита, неправилности во финансиското работење на Институтот за јавно здравје, како и сомнителни исплати и организациски пропусти во Академијата за судии и јавни обвинители.

Како „матен“ случај е наведено и завршувањето на судскиот процес „Изгрев“, кој траеше 18 години и заврши со правосилна ослободителна пресуда за обвинетите. Во извештајот се потенцира дека предметот претставува пример за долгогодишна судска постапка која на крај завршила без осудителен епилог.

Во анализата е вклучено и истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за јавните набавки, кое укажува на спорни практики при набавката на лични документи, закупот на авиони за евакуација на граѓани од Блискиот Исток и изградбата на училишниот базен во Општина Чаир.

Во категоријата „бистри“ настани, Транспаренси Интернешнл-Македонија ја издвојува одлуката на Министерството за животна средина повторно јавно да ги објавува инспекциските извештаи за загадувачите, по реакциите на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“.

Позитивно е оценето и поднесувањето кривична пријава против поранешен градоначалник на Свети Николе поради сомнение за злоупотреба на службената положба при издавање одобрение за градење, како и кривичната пријава против полициски службеник осомничен дека примил поткуп за да овозможи преминување на украдено возило преку државната граница.

Од Транспаренси Интернешнл-Македонија велат дека месечниот мониторинг „Бистро-Матно“ со текот на времето прераснал во релевантен алтернативен барометар за состојбите со корупцијата и за институционалната подготвеност за справување со овој проблем, при што има значителен одзив и во домашната јавност и меѓу меѓународните институции.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Речиси целиот комунален отпад во Македонија завршува на депонии

Tea Dimkovska

Судиите поротници денеска на протест-сите расправи се откажуваат

Kristina Kuzmanovski

Американец се повредил при слетување со параглајдер во битолско Породин

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе