Ковид19 Македонија Најважни

Нови рокови за испорака на ковид вакцините во земјава

Од крајот на јануари, преку февруари и сега, според последниот допис, во март, пристигнувањето на првите вакцини од Ковакс механизмот во земјава постојано се одложува. Покрај роковите се промени и производителот, наместо Фајзер Бионтек, првата вакцина која ќе пристигне во Македонија ќе биде таа на АстраЗенека, денеска ја информирале владата од Ковакс системот.

Од КОВАКС информираат дека во првиот бран на достава на вакцината Pfizer BNT162b2 се вклучени само 18 учесници, а не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против Ковид-19. Од КОВАКС механизмот изјавуваат дека во идните фази на дистрибуција дози на Pfizer вакцината може да бидат вклучени и другите учесници во механизмот, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Според соопштението од Ковакс системот за нашата земја се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.

Соопштението доаѓа откако во угледниот Фајненшл тајмс се појави извештај дека земјите од Балканот разочарани од неуспехот на Ковакс системот и програмата за вакцинација на ЕК, за обезбедување на вакцини се свртуваат кон Русија и Кина. Фајненшл тајмс тврди дека земјите од регионот се длабоко разочарани од неможноста на ЕК да испрати дури и симболична количина вакцини. Во цитат на неименуван извор од македонската влада се вели дека нашата земја иницијално се одлучила за западните производители како начин да ја потврди нашата прозападна ориентација. Но станува се потешко да се оправда одложувањето.

Бидејќи веќе има земји во Европа, како Унгарија, кои ја користат вакцината на Синофарм, станува се потешко како да им објасниме на луѓето зошто ги чекаме Физер, Модерна и АстраЗенека, изјавил изворот од македонската влада за Фајненшл тајмс.

Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово до сега немаат добиено ниту една доза, посочува весникот, и додава дека властите во Скопје и Подгорица минатата недела соопштиле дека ќе набавуваат вакцини од Русија и Кина. Но од Министерството за здравство за Телма соопштија дека нема таква иницијатива, без каков било коментар за тврдењата на изворот, на кој се повикува медиумот.

Неможноста на ЕК да ги добие договорените колични од производителите е добро позната. Фајзер Бионтек и АстраЗенека, двете компании чии вакцини први беа одобрени од ЕМА, пријавија проблеми во своите производствени погони во Белгија. Нашироко најавуваната солидарна програма за вакцинација на унијата, започна со спектакуларен неуспех, поради што комисијата се обиде да ги принуди компаниите да ги испорачаат количините кои ги ветиле, па дури и воведе контроли на извозот на вакцини произведени во ЕУ.

Иако дочекана со голем скептицизам, денеска објавените резултати од клиничките испитувања на руската вакцина Спутник ја утврдуваат нејзината ефикасност на 92 проценти, воедно потврдувајќи ја и нејзината безбедност. Со тоа Спутник им се приклучи на веќе потврдените вакцини на Фајзер Бионтек, АстраЗенека, Модерна и Џенсен.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиства и братоубиства како огледало на човечката несреќа и фракционерство

Igor Trajkov

Преку одговорно сопствеништво, вдомување и стерилизација до намалување на бројот на улични кучиња

Igor Trajkov

Ѓорѓиевски од „Македонско прасе“: Неопходни се засилени контроли

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе