Свет Топ вести

13.000 мигранти останаа без покрив над главата по пожарот на Лезбос

Пожар го уништи најголемиот мигрантски камп во Грција, преполниот објект Мориа на островот Лезбос.

25 пожарникари со 10 противпожарни возила се бореа со огнената стихија, додека мигрантите беа евакуирани. Дел од луѓето имаат и здравствени проблеми, заради изложеност и вдишување на чадот.

Засега нема официјални информации како почнале пожарите а во медиумите се појавија и непотврдени информации дека огнот бил подметнат од мигрантите или локалните жители.

Според шефот на пожарникарите на Лезбос, Константинос Теофилопулос, пожарот избувнал на три локации во краток временски период, додавајќи дека дел од мигрантите кои протестирале, ги спречувале пожарникарите да ја вршат својата работа. Најголем дел од пожарот бил изгаснат до утринските часови ,

Пожарот избувна по 10.30 минатата ноќ. Пожарникарите се бореа цела ноќ да го стават огнот под контрола. Тоа беше тешко затоа што имаше луѓе во кампот, повеќе од 12 000. Може да ги разберете проблемите кои ова ги создава. Успеавме да го ставиме пожарот под контрола, за да не се шири во блиската шума и сега се бориме со последниот дел, односно со дел од контејнерите.

Набргу по избувнувањето на пожарот, полицијата ги блокирала сите приоди кон кампот во обид да ги спречи мигрантите да влезат во населените места најблиску до кампот Морија. Се појавија и информации дека дел од локалното население ги нападнал и спречил мигрантите кои бегале од огнот, да поминат низ едно од блиските села.  Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации ги потврди информациите за тензии меѓу локалните Грци и мигрантите, апелирајќи до сите страни да покажат воздржаност а мигрантите да го ограничат своето движење додека не биде најдено привремено засолниште за нив.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, го испрати потпретседателот задолжен за миграција , Маргаритис Схинас, веднаш да замине во својата држава, Грција за да ја пренесе пораката дека комисијата е подготвена да помогне, при што приоритет се луѓето кои останале без засолниште.

Министерот за надворешни работи на Германија, Хеико Мас, оцени дека пожарот е хуманитарна катастрофа и побара од членките на Европската Унија да демонстрираат солидарност и да прифатат дел од бегалците.

Во овој камп беа сместени речиси 13 000 мигранти и бегалци, меѓу нив и 4000 деца. Тие сега се без покрив над главата а минатата ноќ ја поминаа спиејќи на улиците на Лезбос. Иако првично беше изграден за сместување на 2000 луѓе, мигрантите и бегалците кои минатите години доаѓаа на Лезбос, беа сместувани во кампот Морија и не можеа да заминат пред да биде процесуирано нивното барање за азил – бавен, бирократски процес.

Најголем дел, околу 70 % од луѓето во Морија се од Авганистан, но меѓу нив има и жители на повеќе од 70 други држави.

ЕУ се обиде да ги прераспредели мигрантите во други земји членки, но владите во ЕУ одбиваа повеќе предлози и мигрантите продолжуваа да живеат во кампот, во се полоши услови.

Групите за човекови права во континуитет ги критикуваа лошите услови за живеење за мигрантите. Во април годинава, Хјуман Рајтс Воч оцени дека грчките власти не презеле доволно мерки за да се справат со пренатрупаноста во кампатот, предупредувајќи на можна катастрофа со евентуалното ширење на пандемијата корона вирусот.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Жители на Ореовец ја спречуваат Бехтел и Енка во изградба на автопатот Прилеп-Битола

Дејан Дејан

Пожарникарите спасиле човек кој паднал во Драгор – можни одрони на патиштата по обилните дождови

Дејан Дејан

Израел извршил нови воздушни напади врз Кан Јунис, Нусејрат и Џабалија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе