Утре или задутре, Комисијата за избори и именувања најверојатно ке го утврди предлог-составот на работните тела на Собранието. Оваа можност се отвара по денешните координативни средби и усогласувања меѓу четирите пратенички групи, на кои се надминуваат и последните разлики, поврзани со раководењето со Комисијата за европски прашања. Пленарната седница се очекува наредната недела. Од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека ќе дадат поддршка и во комисијата и во пленарката. Оваа поддршка може да значи и обезбедување кворум, бидејќи владеачкото мнозинство во моментот го нема.
Кревкото мнозинство од 62 пратеника остана со мандат помалку на крајот од август. Јагода Шахпаска си поднесе оставка и замина во Владата, а мандатот на нејзината наследничка Емилија Рамбабова остана неверификуван. Интегративецот Арбен Зибери, кој гласаше за избор на Влада во посебна просторија поради симптоми на Ковид 19, сега не може да присуствува на седница бидејќи завчера беше хоспитализиран со влошена здравствена состојба. Со тоа, власта има мнозинство за носење одлуки во Комисијата за избори и именувања, но не и во Собранието.
Аналитичарите сметаат дека пратениците треба да се искоординираат и да не го доведуваат во прашање кворумот за работа, барем кога е во прашање формирањето работни тела, бидејќи одговорноста ќе ја сносат сите.
Веќе два и пол месеци во државава не е донесен ниту еден закон ниту една уредба со законска сила. Собранието, конституирано пред повеќе од еден месец, успеа само да избере Влада. Итно треба да се изменат законите за основно и средно образование за да се озакони одложувањето на стартот на школската година, а итни се и други закони за санирање на економските последици од здравствената криза. Но пред се, треба да се формираат 20 собраниски комисии, со кои ќе почне ставањето на институциите, меѓу кои и на Собранието, во целосна функција.
Соња Николовска
