Македонија Топ вести

Владата ги враќа хронично болните на работа

Хронично болните се враќаат на работа. Владата ја усвои препораката на Комисијата за заразни болести, лицата со хронични болести и малигни заболувања, по шест месеци да се вратат на работа. За датумот од кога тие ќе се вратат на работа ќе се решава дополнително, но како што дознава Телма, враќањето би стартувало од идната недела.

Од работни обврски и понатаму ќе бидат ослободени само оние за кои лекар-специјалист ќе укаже дека имаат влошување на состојбата со болеста и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која потврда овие лица ќе користат боледување. За таа цел, како што дознава Телма, ќе се менува правилникот во Фондот за здравствено осигурување за издавање на боледување, со што ќе им се овозможи на лекарите-специјалисти тие да издаваат боледувања со траење од по неколку месеци, но и тие да бидат филтерот, дали некој исполнува услов да биде ослободен од работа врз основ на хронична болест.

Лекарите-специјалисти да бидат тие кои ќе носат одлука кој хронично болен е, а кој не е, во ризик да се врати на работа во услови на Ковид-19, бараат и девет здруженија на пациенти со хронични болести, но со прецизни критериуми и тоа да се одвива чекор по чекор.

„И самите клиники да ги разгледаат болестите кои ги третираат и пациентите кои ги имаат кај себе и да донесат соодветна одлука врз основа на она што го знаат за пациентите – Со каков ризик се. Особено имате пациенти кои имаат хронични болести на дишните патишта, Тие главно се високо ризични. Такви имате и со рак и со ретки болести и со многу други болести, на кои дишните патишта им се зафатени“,  вели за Телма, Весна Алексовска, претседател на Здружение на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“.

Став на здруженијата е дека во критериумите кое лице треба да се врати на работа освен самата болест треба да бидат и терапијата т.е. лекувањето и работното место на кое се наоѓа пациентот.

„Одлуките не можат да бидат исти за сите, мора да се направат соодветни патеки и критеируми. и согласно, да не се прави турканица на Клинички, со сите тие потврди и специјалистички прегледи, да се направи можеби втора смена или соодветни термини за овие пациенти, за да можат сите да дојдат на ред, а да не прават гужва за другите пациенти“, вели Алексова.

За своите барања тие утре ќе разговараат со министерот за здравство Венко Филипче, при што, како што најавија, ќе ја понудат и својата помош за утврдување за критериумите за враќање на хронично болните на работа.

Од владата за Телма пак велат дека со измените ќе избегнат и злоупотребите со ослободување од работа, со оглед дека во моментов не може да се утврди точната бројка на лица кои ја користат мерката за ослободување од работа врз основ на хронична болест.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Јавниот долг над 10 милијарди евра, годинава ќе ја пробие црвената линија

Дејан Дејан

Ќе доцни социјалната помош, од министерството ги замолуваат граѓаните да се стрпат

Дејан Дејан

Иранската фудбалска репрезентација доби визи за влез во САД пред светското првенство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе