Само лекарите и медицинскиот персонал, како и професорите на факултет ќе можат да работат по навршување на 64 години старост. Сите останати, ќе мора да се пензионираат до оваа возраст. Законот, кој го најави денеска премиерот пред стопанствениците во Стопанската комора, ќе почне да се подготвува од следниот месец и ќе важи од јануари следната година. Во моментов има околу 10.300 лица кои се на возраст над 64 години, а се` уште се во работен однос.
Заев истакна дека пензискиот систем е стабилен и оти може да ги апсорбира евентуалните идни пензионери.
Ова ќе биде начин и да се намали јавната администрација, освен дефицитарните кадри и искусните советници кои ќе можат да се ангажираат и понатаму. Како што ќе може да се ангажираат и искусни советници доколку е тоа потребно.
Прашан дали за нив е прифатлива етничката застапеност во приватниот сектор, претседателот на Комората на Северозападна Македонија рече дека е поважно кадрите да бидат ефикасни и професионални.
Стопанствениците побараа приоритет да биде ребалансот на буџетот, капитални инвестици кои ќе овозможат и економски раст, институционални реформи, ефикасно менаџирање на буџетот, борба против корупцијата, спречување на сивата економија и на иселувањето на младите. Добија ветување за поддршка на домашните и странски инвестиции, доквалификација на работната сила, намалување на администрацијата, стабилна даночна политика, четиригодишен мандат без предвремени избори.
Како помош за економскиот сектор, министерот најави продолжување на мерките за граѓаните, даночни олеснувања за угостителите, како и зголемен буџет за помош на компаниите.
Далиборка Демјанска