Култура

ДЛУМ ќе ја отвори изложбата посветена на техниката цртеж

Друштвото на ликовни уметници на Македонија,  под покровителство на Министерството за култура и град Скопје , во рамките на манифестацијата Скопско културано лето, во неговата галеријата во ГТЦ ,  на 5 август ќе ја отвори изложбата „Цртеж- Експериментален цртеж“.

Изложбата е традиционална и е дел од Годишната програма на ДЛУМ. Селекцијата на дела ја направија членовите на  Уметничкиот Совет на ДЛУМ, а осврт за изложбата даде претседателката на Уметнички Совет, Дијана Томиќ Радевска.

  • Цртежот е стар начин на изразување колку и самиот човечки род. Првата повлечена црта беше знак за нов израз на преживеаните слики, беше крик. Понатаму низ историјата на уметноста тој  се развиваше како самостоен израз кој нудеше нови перспективи, нови сознанија. Убавината на една линеарна композиција, естетската едноставноста, но и комплексноста на линиите, на површините и јасното владеење на перспективите, ја прави возбудлива техника со богати можности –  цртеж, потенцира Томиќ Радевска.

Оваа годишна изложба на ДЛУМ има за цел да ги зачува вредностите на оваа класична техника, провоцирајќи насоки кон експериментирање  и иновативност, охрабрувајќи ги уметниците да ги  исцртаат своите актуелни записи. Живееме во возбудливи времиња и темите се бескрајно широки. Начинот на кој секој од овие уметници се претставува го дава годинашниов пресек на нивниот континуиран интерес, но и одговор на “новата” реалност, постојаниот страв, новите вредности или пак анализа на стварноста. Селектирани се исклучително интересни решенија, запазувајќи ги аспектите на аналитичен цртеж или пак поедноставен цртеж во линија, низ третман на класична цртачка техника или пак комбинација на цртеж-плоха, цртеж-текст, слоевитост во цртежот или пак инвентивност низ цртачка структура.

  • Во време на колективна депримираност наша задача како здружение е да ја одржуваме сцената активна, да се обидеме да го одржиме интересот на уметникот да го каже својот став, тој, уметникот, да биде жив цртачки наратор. Можноста да се реагира и уметнички да  се артикулира актуелноста е и голема одговорност. Таа слобода на изразувањето на индивидуалноста, која ја почитуваме кај нашите колеги, со оваа изложба и ви ја претставуваме, дополнува претседаталката на Управниот одбор на ДЛУМ.

На изложбата учество земаат:  Ана Спасова, Ана Трајковска, Ангелца Стоиљковиќ, Валентина Стевановска, Ѓорѓи Динев, Дејан Иванов Маргуш, Дијана Томиќ Радевска, Жани Гелевска Вељановска, Златко Глигоров, Ива Станковска, Јовица Мијалковиќ, Марија Мицова Гацова, Марија Светиева, Марјана Костојчиноска Узунчева, Нарциса Андреевска, Наташа Андонова, Пандора Апостолоска Саздовска, Сашо Саздовски, Стефан Димовски, Стефан Младеновски, Тања Таневска,Филип Фидановски.

На изложбата се доделува една награда од ДЛУМ, за најдобар цртеж. Таа ќе биде отворена до 15 август.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„ Кимоно инспирации“ од влијанието на јапонската култура и традиција врз уметникот Благој Мицевски

Дејан Дејан

Дино Имери: Шопен за мене е предизвик заради дилемите околу интерпретацијата на неговите композиции

Дејан Дејан

58 МТФ „ Војдан Чернодрински“ со 11 претстави во натпреварувачката програма

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе