Владата на вчерашната седница донесе одлука за одобрување 1,1 милијарда денари на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) за набавка на енергенси, ликвидно работење и континуирано снабдување со топлинската енергија на потрошувачите на Град Скопје во текот на претстојната грејна сезона.
Владата уверува дека има многу јасен план за справување со енергетската криза, преку ставање во функција на сите енергетски капацитети .
Во меѓувреме, денеска, шести ден, ќе продолжи дебатата во собраниската Комисија за одбрана и безбедност за предлог-одлуките за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, како и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
По завршувањето на расправата во матичната собраниска Комисија, пратениците на пленарна седница ќе треба да гласаат за продолжување за уште половина година на кризната состојба во енергетиката, што е во сила со одлука на Владата од 1 септември.
Според премиерот Димитар Ковачевски, постојано се разговара за најсоодветно снабдување со енергија со повеќе земји, меѓу кои и со Србија, Бугарија и Турција.
Во однос на парното греење во Скопје, Ковачевски упати дека има два дела – затоплување на градот од нов оператор, за што ЕСМ веќе има добиено лиценци и второ, обезбедување гас за работа на ТЕ-ТО.
Порака до граѓаните да бидат спокојни и оти ќе има топлинска енергија вчера повторно упати и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, според кого, веќе е обезбеден и гас.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска е децидна дека греење во градинките ќе има.
