Владимир Путин нареди мобилизација на резервниот состав на руската армија, која стапува на сила уште денеска. Министерот за одбрана Сергеј Шојгу соопшти дека Русија има огромен резервен состав од 25 милиони мажи, но за сега се потребни само 300.000.
Дојде време во пракса да се имплементира искуството добиено со годишните вежби. Неопходно е навремено и квалитетно известување за граѓаните, засилување на мерките за спречување на провокациите и против законските дејствија, како и безбедноста на станиците, известување на пунктовите и собирање на граѓаните. Мобилизираните граѓани ќе имаат статус на активни војници кои извршуваат воена служба под договор и за соодветна монетарна компензација, изјави Шојгу.
Последниот потег на Москва, западот колективно го оцени како очајничка мерка, обвинувајќи го Путин дека сака да ја продлабочи војната, наместо да ѝ стави крај.
Мислам дека одлуката донесена пред неколку часа, би рекол дека е нова грешка. Претседателот Путин одлучи да го зголеми нивото на војната. И, неговата одлука, мислам дека е лоша вест за рускиот народ, лоша вест за младите Руси, и е лоша вест за Русија, затоа што ќе ја зголеми изолацијата на сопствената држава, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Американскиот претседател Џо Бајден од Генералното Собрание на ООН освен мобилизацијата, упати критики и за распишаните референдуми во 4 окупирани украински региони. Поради новиот развој на настаните, на маргините на Генералното собрание во Њујорк, вечерва вонреден состанок ќе одржат и министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Постојана членка на Советот за бебзедност нападна свој сосед, обидувајќи се да избрише една суверена држава од мапата. Русија бесрамно ги прекрши основните начела на Повелбата на ООН, рече Бајден.
Оваа прва мобилизација на рускиот резервен состав по Втората светска војна, не само што е очајна мерка, туку руската армија го нема потребниот капацитет и средства за да ги вооружи и подготви резервистите за активна служба, тврдат експертите.
Таа ќе биде дефинирана со два едноставни зборови: пасивна саботажа. Луѓето на секој можен начин ќе избегнуваат мобилизација, ќе поткупуваат нивно исклучување, или ќе ја напуштат државата, предвидува рускиот политички аналитичар дмитриј орешкин.
Светските медиуми веднаш забележаа масовно резервирање на авионски билети од Русија, додека цената на преостанатите билети нагло се зголеми.
Летовите на двата европски превозници кои се уште летаат од Москва на Ер Србија и Туркиш Ерлајнс се распродадени во следните неколку денови.
Се уште не ми се верува што се случува и зошто се случува. Зборувам со вас и се плашам дека нашата влада и полицијата ќе видат и ќе имам проблеми дома. Но, би сакала да кажам „слобода за Украина, и ве молам, некој нека го запре Путин“, изјави патничка од Русија на белградскиот аеродром.
Путин во телевизиското обраќање објавувајќи ја мобилизацијата, го обвини Западот дека на Украина и даваат оружје кое се користи за уништување на цивилни цели. А пораката до НАТО беше дека со своето оружје премногу и се доближиле на руската територија, што дополнително го тера Путин да го стави на маса целото располжливо и како што кажа помодерно оружје кое го има.
Игор Трајков
