Пред точно 8 години скопските власти, предводени од Коце Трајановски и министерот за животна средина избраа фирма да изработи студија за пречистителна станица.
По, 5 години стаса и веста дека Скопје нема повеќе да мириса на фекалии, а реката Вардар ќе си ја поврати природната боја на водата.
Рака си подадоа, свитата функционери и европскиот амбасадор Самуел Жбогар. Рекордна сума од 136 милиони евра осамна на насловните страни под описот централна прочистителна станица за отпадни води за Скопје.
Европската банка за обнова и развој вложува 58 милиони евра, европската инвестициона банка обезбеди 68 милиони евра а за реализација на овој крупен инфраструктурен зафат и 10 милиони евра грант од ЕИБ.
Три години подоцна, внатрепартиска рчка прети на реализација на проектот. Довчерашниот директор на Ј.П. „Водовод“ – Скопје, Златко Перински доби отказ од шефицата и градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.
Побарала да ја промени комисијата која оценува која фирма да го реализира проектот. Побарал од европските ментори таква интервенција – добил одговор дека во оваа фаза такво нешто е невозможно.
Скопјани да бидат трпеливи, Скопје ќе добие пречистителна станица, уверува Арсовска.Спротивно на разрешениот директор, Перински, Арсовска тврди дека ќе ја менува комисијата, а ако треба и ќе го повтори јавниот повик.
Ние сме меѓу ретките метрополи кои што не прочистуваме отпадни води или прочистуваме многу мал дел од нив.
Ако сакаме да отвораме поглавја за преговори ќе мораме да ги бистриме отпадните води. Перински стравува дека проектот ќе пропадне, европските банки ќе се повлечат, а Скопје ќе остане без пречистителна станица.
Додека се врши смена во фотелјата во „Водовод“, јавната расправа во Град Скопје ја следат антикорупциониерите.
Арсовска најави, но сеуште не поднела кривична до обвинителството.
Одговор нема ниту од европските банки дали остануваат во постапката или ќе го напуштат проектот.
Павле Беловски
