Поради опасноста дека ќе избегаат, обвинителството заедно со обвинението, бара охридскиот советник и бизнисмен Нефи Усеини и неговиот брат да останат во притвор.
Овој предлог до охридскиот суд доаѓа на ден пред да им истече 8-дневниот притвор, рок по кој доколку немаше обвинение ќе требаше да излезат од притвор.
Полицијата претходно поднесе кривична пријава против Усеини и за насилство и недозволено држење оружје, но во обвинението се гонат само за првото кривично дело за физичкиот напад на охриѓанецот Спирко Топаловски.
Според обвинението, браќата го повикале оштетениот на средба во познат охридски хотел, но расправијата почнала уште во автомобилот со кој дошол Топаловски. Продолжиле на паркингот каде вербалната пресметка преминала во физичка.
“На еден од обвинетите од пантолоните му испаднал тврд предмет во облик на пиштол, кој потоа го зел вториот обвинет. Оштетениот со тупаници бил удиран во пределот на главата и телото пред влезот на хотелот и внатре, каде обвинетите во пределот на главата го удирале и со тврдиот предмет во облик на пиштол. По извршеното насилство со кое на оштетениот му биле нанесени телесни повреди, обвинетите го напуштиле местото на настанот” – соопшти ОЈО Охрид.
На овој начин извршиле грубо насилство врз жртвата а кај присутните гости и вработени во хотелот предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв, велат од обвинителството.
Иако жртвата Топаловски првично тврдеше дека Усеини го удрил со пиштол потоа со писмена изјава го смени ставот и тврдеше дека пиштол не видел, туку добил удар од позади. Погрешниот впечаток дека имало оружје го оправда со стресот и паниката.
Меѓу доказите на обвинителството има и снимка од безбедносните камери на хотелот.
И додека Нефи Усеини е во притвор, од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ објавија видео на кое велат се гледа како неговата механизација копа песок на крајбрежјето на Охридското езеро за потребите на бетонската база.
-Ако Македонија пат ја руши дивоградбата во Скопје, нека дојдат после тоа и во Охрид, да се продолжи низата. Во спротивно од старт ќе покажете дека новата влада е само лицемерие и неспособност завиткано во убава хартија. Само вистинска и решителна акција ќе покаже дека сите тие зборови не се само празни фрази во етерот, соопштија од Охрид СОС.
Охридскиот суд најдоцна утре треба да одлучи дали ќе им го продолжи приворот на браќата Усеини.
Елена Ивановска Мукоска