Јужнокорејскиот министер за надворешни работи Пак Џин изјави дека Северна Кореја ги завршила подготовките за нова нуклеарна проба, и дека само политичка одлука на раководството на земјата може да го спречи тоа да се случи, пренесе Асошиетед прес.
По разговорите со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Вашингтон, Пак рече дека Северот ќе ја плати цената доколку направи таков обид.
„Северна Кореја ги заврши подготовките за уште една нуклеарна проба и верувам дека останува да се донесе само политичка одлука“, рече првиот човек на Јужна Кореја.
„Ако Северна Кореја изврши уште една нуклеарна проба, мислам дека тоа само ќе го зајакне нашето одвраќање, како и меѓународните санкции“, рече Пак, додавајќи: „Северна Кореја треба да размисли и да ја донесе вистинската одлука“.
Министерот ја повика Кина да го убеди Пјонгјанг да не ги обнови нуклеарните тестови.
САД ќе продолжат да вршат притисок врз Северна Кореја додека таа не го промени курсот, изјави Ентони Блинкен.
Тој истакна дека САД остануваат отворени за дијалог со Северна Кореја, но Пјонгјанг ги игнорира нивните повици и наместо тоа тестира ракети и се подготвува да ги продолжи своите нуклеарни тестови, од кои последниот се одржа во 2017 година.
„Додека режимот во Пјонгјанг не го промени курсот, ние ќе продолжиме да вршиме притисок“, им рече Блинкен на новинарите, мислејќи на меѓународните санкции против Северна Кореја.
