Вести Македонија Најважни

Палењето на клубот „Ванчо Михајлов“ за Османи е вандалски чин, Јотова гледа провокација и анти-бугарски чин

Само неколку часа пред посетата на министерката за надворшени работи на Бугарија, Теодора Генчовска, на Скопје, запален е клубот „Ванчо Михајлов“во Битола, чие отворање пред месец и половина ги заостри односите меѓу двете земји.

Генчовска дојдена на работен состанок со министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, откако разбрала за палењето на влезната врата на клубот, го напуштила состанок и заминала за Битола, придружувана од бугарскиот амбасадор, Ангел Ангелов.

Според информации до кои дојде Телма, Османи останал во Скопје, заедно со тимот на Генчовска, кои со македонските колеги во МНР денеска и утре ќе се обидат да ги испеглаат разликите по политичките прашања поради кои Софија го блокира стартот на преговорите на земјава со ЕУ.

Но ако известувањето од МНР за посетата на Генчовска стигна откако таа веќе била во конференциската сала во МНР седната наспроти Османи, од МНР навремено стигна реакцијата за пожарот, прво со соопштение од Министерството, кое потоа беше преточено во изјава од Османи.

„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро го осудува актот на намерно палење на влезот на здружението Иван Михајлов во Битола.  Ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина. Ова кривично дело не случајно е извршено на денешен ден, кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на Северна Македонија. Надлежните органи на државата прават напори за откривање на сторителот на овој вандалски чин“, изјави Османи.

За палењето на Клубот чие име на бугарски соработникот на фашистите во Втората светска војна предизвика многу реакции во македонската јавност, реагираше и македонскиот претседател, Стево Пендаровски, но кој притоа избегна да го употреби името на клубот.

„Најостро го осудувам палењето на објектот на културниот центар на бугарската заедница во Битола. Ваквите чинови се провокација и не одат во прилог на унапредување на односите со Бугарија“, напиша Пендаровски на фејсбук.

И шефот на државата ги повика надлежните институции да спроведат брза и детална истрага и да ги преземат сите потребни мерки, да се откријат и санкционираат сторителите.

Од Бугарска страна прва реагираше потртеседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која на 16 април, заедно со бугарскиот премиер Кирил Петков, беше дел од делегацијата која свечено го отвори Клубот во Битола. Јотова пожарот го искористи за нови обвинувања дека во Македонија, која во реакцијата ја нарекува „западната сосетка“, се води голема антибугарска кампања.

„Палењето на Центарот за култура „Иван Михајлов“ во Битола е уште една провокација и дел од масовната антибугарска кампања, која започна веднаш по отворањето на клубот… Само брзите активности на надлежните институции во најкус можен рок за откривање на сторителите ќе докажат дека кај нашиот западен сосед се почитуваат правата на Бугарите, како и на сите други националности“, напиша Јотова на фејбук.

Но освен од Јотова и од неколку партии во Бугарија, до моментов нема реакција од бугарската влада, премиер или претседател.

Инаку инцидентот со палењето на влезната врата на Клубот „Ванчо Михајлов“, освен што коинцидира со посетата на Генчовска, доаѓа и на само три недели пред одржувањето на самитот на ЕУ и засилен дипломатски притисок кон Бугарија да го крене ветото за старт на преговорите со Македонија, а чиј пак главен аргумент за блокадата е дека Македонија не ги почитува и не ги заштитува правата на Бугарите во земјава, со барање тие да бидат впишани во македонскиот Устав.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Турски суд издаде налог за апсење на Нетанјаху

Kristina Kuzmanovski

Претставничкиот дом на САД гласаше за укинување на летно и зимско сметање на времето

Sonja Petrusevska

СДСМ: Дали Мицкоски и за ослободувањето на Груевски имаше чувство?

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе