Поплавени улици во Тетово за време на обилните врнежи од дожд кои траеја околу еден час. Водата влегуваше и во дворовите на некои куќи, во гаражи сместени во станбени згради, а мали езерца се содаваа и во деловите на патиштата каде има подвозници.
Жителите кои живеат на улицата „Благоја Тоска“, во делот кај Касарната, често при врнежи од дожд се соочуваат со ваков проблем. Денес тие со кофи и пумпи ја вадеа водата од дворовите.
Од Општина Тетово велат дека екипи се излезени и работат на расчистување на критичните места. Велат дека допва се разгледуваат пријавите и евентуалните штети, по што ќе одлучуваат за следните чекори на состанок на Кризниот штаб со сите релевантни институции.
Инаку обилен дожд и град ги зафати и тетовските села, каде земјоделците допрва ќе ги проценуваат штетите.
Данијела Билбилоска
Општинскиот Kризен штаб попладнето во Тетово одржа седница поради невремето во градот и причинетите материјални штети по имотите на граѓаните и институциите на локално ниво. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами информираше дека за надминување на состојбата ќе се бара помош и од Владата.
- Неадекватните инвестиции во делот на атмосферската канализација дадоа резултат на тоа повеќе од улиците, повеќе од булеварите и кружени текови да бидат блокирани и беа под вода. За жал, дел од таа вода отиде во подрумите на куќите, особеново делот кај Тетовчанка, Тетекс, и во целото градско подрачје кое е во долниот дел на градот. Исто така беа поплавени некои од јавните институции во ситуацијата, училишта и градинки. Од сабајле сум на терен со противпожарната и спасителна екипа во рамките на Општина Тетово каде интервениравме и дел од проблемите ги решаваме во од. Во ситуацијата интервенираме и за испумпување на водата од подрумите на граѓаните, изјави Касами.
