Неодговорно е да се бојкотира Собрание во време на економска криза, на војна на помалку од илјада километри одовде, на раст на цените на енергенсите и храната, отежнат транспорт на жито од Украина.
Ова е одговорот на премиерот на одбројувањето на опозицискиот лидер, кој му даде рок до задутре, да седнат на амса и да се договорат за предвремени избори.
Барањето на предвремени избори во такви услови, вели, е само за политички цели.Прифаќа лидерска средба, но на други теми.
– Лидерска средба може да има, но за прашања кои се стратешки, за прашања кои значат подобар живот на граѓаните и за справување со енергетската криза. Меѓутоа, лидерска средба заснована на уцени и закани, а го гледаме претседателот на ВМРО ДПМНЕ одбројува како во некој лош акционен филм, таква лидерска средба нема да има, тоа е ставот на сите политички партии, дури и од партии кои се во опозициониот блок, порача денеска премиерот
Вели дека средби и комуникација има, но не смее да се дерогира работата на Собранието така што, на лидерска средба, без дебата, би се разговарале теми од оперативен карактер. Кога ќе има тема од стратешко значење на државата, тогаш е нормално да седнат и да разговараат.
Од ВМРО ДПМНЕ остануваат на одлуката за блокада, доколку нема договор за предвремени избори.
– Самиот Ковачевски ги кажа причините поради кои мора да има лидерска средба на која треба да се разговара и за избори. Поскапувањето, инфлацијата, енергетската криза, стагнацијата на патот кон ЕУ се работи за кои граѓаните чекаат одговори. Но, позицијата на СДСМ е, подобро државата да е во криза, само Ковачевски и неговата дружина да се на власт, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Рокот кој опозицијата му го дае на премиерот, истекува во вторник, на 10 мај.
По тоа, ќе се знае дали ќе останат на намерата да го блокираат Собранието или ќе се најде излез од парламентарната криза во најава.
Далиборка Демјанска Цветановска
