Со спуштање на десетметарско албанско знаме од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, заедно со претставници од локалната власт на Општина Липково, беше означено отворањето на недовршената и празна Спомен кула на загинатите борци на ОНА од конфликтот во 2001, над селото Слупчане, чие подигање помина без почитување на законските процедури.
Потоа партиската поворка на ДУИ положи цвеќе на споменикот во близина на кулата, а цвеќе беше оставано и на околните гробови на загинатите борци на ОНА. Партиската поворка овдека ги избегна медиумските екипи, а не беа давани изјави и пред почетокот на свеченоста за отворањето на Спомен кулата, одржана на стадионот во подножјето на објектот.
На свеченоста дојде целиот врв на ДУИ, предводен од Ахмети и претседателот на Собранието Џафери. Лидерот Ахкмети порача дека ОНА е составен дел од историјата на нашата земја и дека без неа не можел да биде постигнат Охридскиот договор.
Овој споменик не нѐ дели, овој споменик нѐ обединува. Ослободителната народна армија е нераскинлив дел од историјата на оваа земја. Не може да има историја на оваа земја без ОНА, не може да има иднина оваа земја без најголемото достигнување, Охридскиот мировен договор – резултат на оваа армија. Иднината на оваа земја е Договорот од Преспа, договор кој нѐ направи членка на НАТО, порача Ахмети.
Спомен кулата е дел од меморијален центар во кои има и возило на борците на ОНА под стакло, спомен соба со фотографии, портрети на загинати борци на ОНА, нивни униформи и албански знамиња. За подигањето на Спомен кулата од Центарот за Културно наследство рекоа дека е повреден Уставот и дека не е почитуван Законот за меморијални споменици и спомен обележја, зашто објектот не е внесен во Собраниска програма за одбележување значајни настани и личности, нема одлука од Собранието за подигање на објектот и не е формиран одбор кој би ја следел целата процедура за подигање на Спомен кулата.
За заобиколената процедура во Собранието треба да се произнесе Уставниот суд, рекоа од Центарот за културно наследство. А од Уставен со одговор дека до нив не стигнало до сега такво барање.
Уставен суд нема донесено одлука за покренување на таква постапка по сопствена иницијатива. За понатаму не може да коментираме. Потсетуваме дека секој може да поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста пред Уставен суд, соопштија од Уставен.
Заради поделеноста во јавноста околу исходот на конфликтот во 2001, кога се прават меморијални споменици треба да се размислува тие да бидат во помирувачки тон, дополнија од Центарот за културно наследство. Од Општина Куманово најавија дека советот треба да се произнесе околу иницијативата за подигање споменик на македонските бранители од 2001 и на загинатите полицајци во Диво Насеље 2015 година.
Сотир Трајков
