Испораката на природен гас во земјава не е прекината, но ситуацијата е комплексна- вели министерот за економија Крешник Бектеши по информациите дека руски „Газпром“ ја прекина испораката на гас кон Бугарија и Полска заради нивното одбивање да го платат овој енергенс во рубљи.
Вели од наша страна сите обврски се подмирени и Бугарија не смее да го прекине транзитот на руски гас преку нејзина територија бидејќи цевководите не се во нејзина сопственост.
Прекин на испораката кон Македонија може да има само ако Русија одлучи така.
Следната недела на состанок во Софија регионалните министри за економија ќе ги презентираат потребите на секоја држава за континуирано да продолжи снабдувањето.
Бектеши вели увозот вкупно на нафтени деривати со потекло од Русија е 8 проценти, уверува дека каква и да е одлуката на Русија, ефектот ќе биде незначителен. Тврди земјава има и алтернативи за снабдување со гас.
И од Макпетрол потврдуваат дека снабдувањето со природен гас се одвива непречено.
„Прекинот со снабдувањето на Бугарија со природен гас од Русија не е поврзано со снабдувањето со природен гас во Македонија. Снабдувањето со природен гас на „Макпетрол“, а потоа и до крајните потрошувачи се одвива непречено и без никаков застој“– велат од компанијата.
Од РКЕ посочуваат дека состојбата е комплексна и зависи од одлуките што ќе ги донесе Русија.
Ги потсетуваат компаниите дека согласно Правилата се должни да обезбедат услови за користење на алтернативна енергија во случај да нема природен гас.
„Макпетрол“, кој е долгогодишен трговец со природен гас, ги има подмирено обврските кон „Газпром“ навреме, што подразбира стабилна испорака на природен гас. Сепак, состојбата е комплексна и континуирано се следи и зависи од одлуките што Русија ќе ги донесе – дали ќе ја прошири листата на земји кон кои ќе ја стопира или ограничи испораката на природен гас, велат од РКЕ.
Бектеши посочи и дека руската рубља веќе е ставена на курсната листа на Народната банка, но дали ќе го плаќаме гасот во рубљи ќе одлучат инстиуциите.
Александра Филиповска
