Засолништето под театарот во Мариупол го преживеало бомбардирањето на руските сили, соопштуваат локалните украински власти. Според нивните информации, околу 1.000 до 1.200 луѓе се криеле во засолништето, претежно жени и деца, и најверојатно го преживеале нападот.
Спасувачка операција е во тек за тие да бидат извадени од под урнатините, иако за сега не се знае дали меѓу нив има загинати или повредени. Бомбардирањето на театарот предизвика жестока интернационална осуда.
„Оваа опсада е нехумана и бомбардирањето на градот Мариупол продолжува. Ова е за осуда. Ова претставува сериозно и грубо прекршување на меѓународното хуманитарно право, и опсадата мора да биде прекината, и бомбардирањето и нападите врз цивилите во Мариупол мора да престанат.“ – вели портпаролот на ЕК, Питер Стано.
Сателитските снимки од американската компанија Максар, направени пред бомбардирањето на театарот во Мариупол, покажуваат дека на паркингот зад зградата на театарот и на плоштадот пред влезот со големи букви било напишано „деца“ на руски јазик, јасно ставајќи им до знаење на руските пилоти дека во зградата се засолнуваат деца.
Но, тоа сепак не ги спречило да ја гранатираат со бомба од околу 1.000 килограми, обвини украинската страна. Москва негира дека го бомбардирала театарот и тврди дека Киев лаже.
„Секако, режимот во Киев веднаш се обиде вината, за се што се случува во Мариупол, особено бомбардирањето на зградата на театарот, да ја префрли на руската армија, која според нивното мислење, наводно ја бомбардирала од воздух зградата на театарот. Секако дека тоа е лага.“ – вели портпаролот на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Жестоките борби околу градот продолжуваат, а цивилите кои успеале да го напуштат сведочат за хоророт кој го преживеале.
„Бевме без струја, без вода, без греење, без ништо. Две недели во визбата. Не снимај ми го лицето, снимај ми ги рацете, рацете… Ова се раце на медицински работник.“ – вели една жена која се евакуираше.
Претседателот Зеленски во секојдневни видео обраќања во законодавните домови ширум светот, се обидува да обезбеди поголема подршка за неговата земја. Денеска зборуваше во Бундестагот, каде преку видеобимот ја обвини Германија дека интересите на сопствената економија ги ставила над безбедноста на неговата земја.
„Во текот на трите недели војна за нашите животи и за нашата слобода, ни стана јасно што чувствувавме претходно, и што многумина од вас можеби се уште не го забележале. Вие повторно сте зад еден ѕид, не како берлинскиот, туку во средината на Европа, помеѓу слободата и заробеништвото, и тој расте со секоја бомба врз нашата земја, врз Украина, со секоја недонесена одлука во име на мирот, а која можела да помогне.“ – подвлече Украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Во меѓувреме руското Министерство за надворешни работи соопшти дека денеска ќе продолжат преговорите со Украина, повторно преку видео врска. Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, изјави дека Москва вложува големи напроти за постигнување договор, додека таквата ревност не се забележува кај другата страна.
Игор Трајков
