Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, рече дека неговата земја не е страна вклучена во војната во Украина и нагласи дека неговата влада „не сака санкциите да влијаат на Кина“.
Ванг Ји ова го изјави во телефонски разговор со неговиот шпански колега Хозе Мануел Албарес, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи. Пекинг во принцип ги отфрла санкциите и „Кина има право да ги заштити своите легитимни права и интереси“, додаде Ванг.
Тој го нарече конфликтот во Украина „производ на акумулација и интензивирање на европските безбедносни противречности низ годините“.
САД тврдат дека Русија побарала воена помош од Кина
Ванг не ги коментираше американските извештаи дека Русија побарала од Кина воена и економска помош по почетокот на војната во Украина, што портпаролот на неговото министерство претходно ги нарече „злонамерни“ американски дезинформации.
Министерството не објави детали за тоа со што кинескиот дипломат Јанг Џиечи со часови разговарал во понеделникот со советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден Џејк Саливан.
Двајцата водеа „чесни, длабоки и конструктивни“ разговори, вклучително и за заладените односи меѓу Пекинг и Вашингтон во врска со Тајван. Во врска со ова, Јанг рече дека американската влада не се придржува до обврската да се воздржи од поддршка на независноста на Тајван, соопшти кинеското министерство.
Кина го смета Тајван за свој дел и се закани дека ќе возврати со сила доколку официјално прогласи независност.