Не гледаме никакви знаци дека Русија ги повлекува своите војници од украинската гранца, изјави генералниот секретар на НАТО, по состанокот одржан попледнво со министрите за одбрана на земјите сојузнички. Истото го тврди и украинскиот претседател Зеленски. Ова доаѓа откако Москва вчера соопшти дека вратила дел од своите војници во нивните бази. Дел од јавноста е збунета и не знае кому да верува, но првиот човек на Алијансата објаснува дека разузнавачките служби тоа многу лесно го гледаат.
- Разузнавачките информации кои ги споделуваме се всушност потврдени од отворени избори со сателитски снимки од комерцијални сателити. Мислам дека е тешко да се расправаме дека Русија распоредила над 100.000 трупи и многу тешка опрема. Ова беше предвидено од нашите разузнавачи пред неколку месеци, и тоа се случи, и покрај тоа што Русија негира. Она што го знаеме е дека имаат капацитет и моќ, но не знаеме што ќе направат со тие сили, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Заканата од Русија за Европа е новото нормално рече Столтенберг, и НАТО се координира за да го засили своето присуство во источна и југоисточна Европа. Столтенберг, истакна дека најдобар начин за решавање на проблемите останува дипломатијата.
- НАТО е одбранбена Алијанса, НАТО не е закана за Русија и за тоа сме јасни со години и месеци дека сме подготвени да седнеме и да ги ислушаме руските грижи за безбедноста и да зборуваме за прашања, како контролата на оружјето. Ако се загрижени за проектилите и оружјето за напад, најдобар начи е да се седне и да се разговара во добра атмосфера за тоа како да се намали бројот на проектилите, вели Столтенберг.
Во Алијансата има претпазлив оптимизам за тоа дали Русија е подговена да го реши проблемот на дипломатски начин. И покрај нејзините тврдења дека е отворена за разговори, на терен ситуацијата е многу поинаква. Откако Москва вчера прикажа дека повлекла дел од воените единици, брзо потоа имаше хакерски напад врз украинските владини инстутции, што според НАТО се очекувани потези кои доаѓаат пред поголема воена интервенција.
НАТО веќе има 4 борбени групи во Источна Европа, составени од оклопни единици, противвоздушна одбрана и разузнавачки елементи, кои ротираат на терен уште од 2014 година, и нивното распоредување беше резултат на руската анексија на Крим.
Алиса Шутиноска
