Во собранието денеска има единствена точка на дневен ред, а тоа е презентација на Програмата и приоритетите на Француското претседателство со Советот на Европската Унија кое почна на 1 јануари и ќе трае во следните шест месеци. Приоритетите ќе ги презентира францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.
Дали Франција ќе биде земјата во чие претседавање ќе се реши проблемот кој нашата земја го има со Бугарија во однос на ветото за почеток на пристапните преговори со ЕУ, останува се уште отворено прашање. Со Франција е зборувано и од страна на Америка. За да се забрза овој процес Заменик – помошникот на државниот секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, вели дека веќе разговарал со француските власти.
-Веќе зборувавме со Франција. Ставивме јасно до знаење дека ние веруваме дека членството во ЕУ за сите држави од Западниот Балкан е од суштинско значење за сите нас. Веруваме дека тие се дел од Европа, веруваме дека како што ги исполнуваат условите со затворање на поглавјата треба да бидат се` повеќе интегрирани во ЕУ и мислиме дека тоа ќе биде решение за сите држави. Секоја држава што влегла во ЕУ станала подемократска, попросперитетна и постабилна“, изјави тој, за Гласот на Америка на македонски.
Според него, пристапниот процес на Македонија во ЕУ треба да го реши Европа. Тој рече дека верува оти ЕУ не ја разочарала Македонија, бидејќи и натаму продолжува да ѝ помага. Ескобар смета дека шест месеци, како што најави бугарскиот премиер Кирил Петков за решавање на спорот со Северна Македонија, се доволни да се решат проблемите, иако нагласи дека постои фрустрација меѓу европските партнери оти процесот не се одвива брзо.