Бугарија формулира нова политика во односите со Македонија и, за да го оправда своето вето во ЕУ за почетокот на преговорите со земјава, фокусот го префрла од историјата, на правата на Бугарите во Македонија. Ова денеска им го соопштил бугарскиот претседател Румен Радев на седум партии и здруженија на Бугари од Македонија кои првпат денеска воопшто биле примени од бугарски претседател. Аргументот на Радев за тоа е дека на европските партнери тешко им биле сфатливи историските прашања, а оти дискриминациијата била тема која им била поразбирлива.
„Ветото кое го ставив на последниот Европски совет на 6 октомври, ако можам да го наречам вето, има целосно друг карактер. Тоа вето има сосема друга основа, друга аргументација, а тоа имено се вашите права, вашата рамноправност наспроти сите други граѓани на Северна Македонија“, рече Радев.
Притоа Радев на претставниците на македонските Бугари им рече дека со тоа сака да спречи нивна дискриминација, дебугаризација и јазикот на омраза кон нив.
„Тоа е сосема друго вето, во фокусот на тоа вето сте вие“, им порача Радев.
Тој за ветото доби поддршка од претставниците на македонските Бугари.
„Јас секогаш сум бил и останувам силен поддржувач на ветото. Вето до последниот миг“, изјави Владимир Перев, од здружението „Коридор 8“ од Скопје.
Но освен ветото македонските Бугари од бугарската држава побараа да го зголеми притисокот врз властите во Македонија не само за признавање на историската вистина, туку и за промена на односот кон, како што велат, живите Бугари.
„Ние очекуваме од Република Бугарија, јасна и категорична поддршка за нашите барања за рамноправност, за нашите барања за чистење на историските конфликти и проблеми и за нашите барање за запирање на јазикот на омраза. За што ние македонските Бугари сме убедени дека Северна Макеоднија ќе успее брзо и ефикасно да се интегрира во ЕУ“, рече Петар Колев, претседател на партијата Граѓанско-демократска унија.
Тие се пожалија на апсолутна изолираност на Бугарите во земјава и и дадоа задача на бугарската држава на што да се фокусира.
„Да се избори пред јавноста за правото на Бугарите за самоопределување, на нивна регистрација во документите во Македонија, во Уставот. Да објасни со наједноставни зборови дека во македонската Армија нема ниту еден човек кој е Бугарин по националност или можеби еден или двајца. Но во македонската полиција нема ниту еден. Во правосудството нема ниту еден. На клучните позиции, немаме ниту еден декан на Универзитет“, рече Перев.
Радев на македонските Бугари им вети дека новата политика на Бугарија кон Македонија ќе бидат токму луѓето кои имаат бугарско државјанство , бидејќи тое е и државјанство на ЕУ. Притоа Радев смета дека Бугарија треба вадењето на државјанставата да го олесни и да го забрза и тоа од управна постапка да прерасне во свечен чин.
Тамара Грнчароска