Да се студира македонски јазик во првите повоени години не било ни малку лесно, ниту пак едноставно. Бројните предизвици низ годините само докажаа дека политичката стихија ништо не ѝ може на народно-јазичната, забележа професорот Пандев на денешната средба на генерации во чест на 75 години од основањето на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
А уште недооформена катедрата, македонскиот јазик одново се нашол на жестоки напади во превртливото време. Но, филолошката знајба што се пренесувала низ аулите на Факултетот исполнет со метафори и алегории од стари книги и древни митови упатувала дека на нескротливата младост на македонскиот јазик поттикната со зрелоста на академската кирилометодиевистика никој ништо не ѝ може. Со други зборови, политичката стихија ништо не ѝ може на народно-јазичната, изјави проф. д- р Димитар Пандев, Филолошки факултет „Блаже Конески“
Слабиот интерес на новите генерации да го изучуваат македонскиот јазик и книжевност се должи на неможноста за вработување, недостигот на мотивација и отворањето нови катедри по македонски јазик во земјава.
Се разбира кога ќе се собере бројот на сите тие факултети заедно со бројот што ние сме го запишале повторно доаѓаме до еден број што сме го имале претходно, но како што реков среќни сме што се запишаа 22 студенти на Катедрата. И се разбира повторно да ја отвориме таа иницијатива за стипендирање на студенти, да можат да добијат стипендии оние што ќе го изучуваат македонскиот јазик, изјава проф. д-р Искра Пановска – Димкова, Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици
За студентите проблемот со неписменоста е алармантен.
Заканата не доаѓа секогаш од надвор. Досегашносто студентско искуство потврдува дека се помасовно ни се заканува проблемот со неписменоста, неукоста, погрешниот начин на употреба на јазикот и непознавањето на јазичната норма и историја, изјави Магдалена Ристевска.
На 16 декември 1946 се одржало првото предавање на македонски јазик на високообразовна институција. Предавањето било на македонски, но и за македонскиот јазик. На Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици во изминативе седум и пол децении дипломирале 2000 студенти.
Нина Стефанова
