Шовин, полицаецот од Минеаполис кој го уби афро-американецот Џорџ Флојд седејќи му на врат веќе е осуден на казна затвор. Денеска неговиот случај го спомна Орце Камчев, обвинетиот за Плацеви на Водно кога бараше ослободување од седуммесечниот притвор од Шутка.
Случајот во САД предизвика огромни протести против американската полициска бруталност, а иако не е под македонска јурисдикција, Камчев одлучи да се спореди со полицаецот-расист и да го внесе во македонските судски списи.
-Јас сум сега осуден со казна притвор, 7 месеци. Ако погледате во САД само пред година и половина се случија најголемите демонстрации и проблеми во историјата на САД. Дерек Шовин,полицаецот, кој што го уби Џорџ Флојд и по што настана ерупција на незадоволство во САД беше ослободен со кауција од 1 милион долари, почитуван судија. Кауција од 1 милион долари за убиство на полицаец, за кое се подигна цела Америка, цел свет. Јас понудив на овој суд четири, пет, шест милиони долари во гаранција, седумстотини илјади евра во готови пари, понудив акции во вредност од 1.200.000 евра и седам во притворот во Шутка, рече во своето барање пред судот Камчев.

Обвинетиот бизнисмен смета дека обвинението му е поднесено како одмазда од обвинителката Лиле Стефанова. За Барањето ќе одлучува кривичниот совет на судот. Камчев во говорот ги спомна хрватскиот бизнисмен Ивица Тодориќ, српскиот Мишковиќ-сите гонети во државите каде што живееле.
Со зборовите Багра, Камчев ги нарече Катица Јанева и Боки 13 (не беше спомнат контроверзниот Милески-Кичеец исто така обвинет во случајот Рекет) и дека Јанева била дел од 5% од лошите обвинители.
Откако е отворена истрагата Империја Камчев е без пасош, а во 6-месечен период (2019-та година) имаше привремен пасош со кој патувал 56 пати надвор од државата. Бидејќи секогаш се враќал, сега Камчев тврди дека не сакал да бега и ги негира податоците за негова сопственост на компании во странство за кои тврди дека се ликвидирани. Исто така за време на престојот во притвор, Камчев неколкупати имаше кардиолошки прегледи и лекување на скопските клиники поради здравствени проблеми.
Судењето продолжи со изведување на писмени докази односно со почетокот на трансакциите кои според обвинителството покажуваат како се одвивало кривичното дело опфатено со предметот Плацеви на Водно.
Првообвинет е бегалецот и поранешен премиер Никола Груевски кој се гони за две дела односно дека присвоил 1,3 милиони евра од партиски донации со кои се купувани плацевите на Водно.
Меѓу 6-те обвинети е и екс директорот на УБК Сашо Мијалков. Во противзаконски дејствија, според обвинението учествувале и Орце Камчев, неговата мајка Ратка, како и Ристо Новачевски кумот на екс премиерот Груевски. Камчев е во притвор од 14-ти март кога е приведен под сомнение дека се подготвува за бегство.
