Џовани Кастелучи, поранешен директор на компанијата „Аутострада пер Италија“, е осуден на 12 години затвор поради уривање на мостот Моранди во Џенова во 2018 година, кога загинаа 43 луѓе. Тој беше еден од 57-те обвинети во судскиот процес во Џенова, иако веќе отслужува шестгодишна затворска казна за сообраќајна несреќа во 2013 година. Вториот висок претставник на компанијата, Микеле Донфери Мители доби 11-годишна затворска казна.
Мостот Моранди се урна за време на силно дождовно невреме, среде туристичка сезона.
Актуелниот извршен директор на „Аутострада пер Италија“, Ариго Џана денеска во отворено писмо упати јавно извинување.
„Постапките и одлуките на некои луѓе оставија неизбришливи траги. Да се упати денеска извинување што тогаш не било искажано е морална обврска која го надминува утврдувањето на правна одговорност и текот на правдата кон вистината“, напиша Џана.
Емануел Диаз. чиј брат загина во трагичниот настан, во изјава за италијанската телевизија рече дека е „многу задоволен“ со пресудата. Казната за Кастелучи е „прифатлива“ и за Егле Посети кој ги загуби сестрата и нејзиното семејство во уривањето на мостот Моранди.
