Иран денеска предупреди дека ќе ја уништи регионалната инфраструктура доколку САД ја нападнат иранската инфраструктура, објави новинската агенција Фарс.
Ебрахим Золфагари, портпарол на иранската Централна команда „Хатам ал-Анбија“, изјави: –Уништете ја инфраструктурата, ние ќе ја уништиме целата преостаната инфраструктура во регионот.
Тој, исто така, предупреди дека Техеран „под никакви околности нема да им дозволи на САД, како странска и вонрегионална земја, да се мешаат во Ормутскиот теснец“.
-Ова е непреминливата црвена линија на Иран, додаде Золфагари.
Тој рече дека одговорот на Иран нема да биде рамноправен удар, туку „супериорен удар“, додавајќи дека секоја одмазда ќе биде „поостра, поширока и поразорна од кога било досега“.
Овие изјави доаѓаат во време на ескалација на тензиите меѓу САД и Иран околу Ормутскиот теснец, при што двете страни разменуваат напади и покрај меморандумот за разбирање постигнат од Пакистан, а чија цел беше да се стави крај на конфликтот и да се постигне траен мировен договор.
