Александар Лазаров – Цуна, кој пред четири дена избега преку прозорец од полициската станица во Кочани, доцна вечерва е пронајден и приведен,“ потврдија од МВР за Телма.
Според информациите, Лазаров бил лоциран и уапсен во Скопје.
Тој беше уапсен во петокот во Кочани, но успеа да избега преку прозорецот на полициската станица, а два дена по неговото бегство, Основниот суд во Кочани распиша меѓународна потреница по него.
–На 10.07.2026 во 20:35 часот во Полициската станица Кочани 41 годишниот А.Л. од Кочани кој претходно бил задржан во полициската станица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело, од просторија отворил прозорец и се дал во бегство. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето, соопштија од МВР.
Лазаров се гони за сторено кривично дело по член 215 став 1 вв.член 22 од Кривичниот законик на РСМ, односно за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Бегството на Цуна предизвика повеќе партиски реакции – опозициските партии бараа случајот да се расчисти и одговорните да бидат санкционирани, а директорот на БЈБ Александар Јанев најави истрага и казни.
-Сакам јасно да порачам: ова е недозволиво. Доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност. Внатрешната контрола, со поддршка на колегите од неколку централни оддели во БЈБ, веќе постапува и ги проверува сите околности и инволвирани лица. Секој кај кого ќе се утврди пропуст или вина ќе биде соодветно санкциониран. Очекувам целосна професионалност и непристрасност во целиот процес, изјави Александар Јанев директор на БЈБ.
Кочанчанец го фатиле со дрога па потоа на дрзок начин преку прозор побегнал од полициската станица
