Светлана Грковиќ и нејзиниот сопруг Љубиша Каровиќ полетаа во петокот наутро од Солун кон Меминген со авион на Рајанер, не помислувајќи дека нивниот лет ќе се претвори во борба за живот. Додека тонеа во сон на своите седишта, изненадувачки пукна прозорец, а силната декомпресија што настана го повлече Љубиша кон надвор. Тој сè уште е во болница и поради здобиените повреди не може да говори. Неговата сопруга го раскажува пеколот што го преживеаја на височина од 6.000 метри по половина час од полетувањето од аеродромот „Македонија“ во Солун, во авионот со кој тргнале на роденден кај нејзиниот брат по одморот во Грција.
„Се чинеше како да се скрши дел од моторот и удри во прозорецот до кој седеше мојот сопруг Љубиша. Кога се скрши прозорецот настана декомпресија во кабината. Притисокот го повлече Љубиша, среќа беше врзан, но половина тело му висеше од авионот. Веднаш реагирав и го фатив за нозе. Си помислив „ако гинеме, ќе гинеме заедно“. Беше страшно“, раскажува Светлана за Нова.рс.
Во авионот во моментот на декомпресија настана хаос, се навраќа Светлана, паднале маските за кислород, дел од патниците се исплашија, други пак ѝ дошле напомош.
„Некои луѓе дојдоа напомош, се сеќавам на еден маж и една жена. Тој човек многу ми помогна, и на мене и на Љубиша. Заедно ги држевме нозете на Љубиша додека авионот се враќаше на аеродромот во Солун. Мислам дека беше Албанец, му благодарам до небо. Не запамтив како се вика, не се сеќавам дали воопшто ми кажа. Би сакала да го запознам и уште еднаш лично да му се заблагодарам“, вели Светлана.
Таа се присети и на реакција на мајка која седела на соседното седиште.
„Таа жена страшно се исплаши. Крај неа седеше дете. Толку силно го стисна, речиси ќе го задушеше. Љубиша неколку пати губеше свест. Важно ми е дека е жив. Тешко е повреден и во шок е. Посебно тешка повреда има на раката, а има и изгореници. Не може да зборува, не се сеќава на целиот настан“, рече Светлана.
Љубиша сè уште е во болница, каде се опоравува од шокот, а истрагата за причините за одвојување на дел од моторот е тек.
