Франција вечерва ќе се соочи со Шпанија во реприза на полуфиналето од Европското првенство во 2024 година, но со далеку поголем влог – пласман во финалето на Мундијалот. „Триколорите“ сакаат одмазда за поразот пред две години и пласман во третото финале на светските првенства по ред. Шпанците, пак, го бараат второто историско финале, откако во првото славеа во 2010 година.
Шпанија ги доби последните две полуфинални пресметки против Франција. Лани во полуфиналето од Лигата на нации славеше со 5-4, а на Европското првенство во 2024 година со 2-1.
Две селекции со различен стил на игра, но со идентичен победнички менталитет. Франција прикажа најмногу на Мундијалот. Импресионира со својата директна игра, а напаѓачката четворка составена од Килијан Мбапе, Усман Дембеле, Дезире Дуе и Мајкл Олисе делува незадржливо за секоја одбрана. Шест натпревари, шест победи за Французите, без продолженија или пенали.
Шпанија, од другата страна, има пет победи и само едно реми без голови, во првото коло против Зеленортските Острови. Одбраната на „црвената фурија“ капитулираше само еднаш на турнирот, и тоа во четвртфиналето против Белгија, кога славеше со 2-1. На патот до полуфиналето Шпанија ги елиминира и Португалија и Австрија.
Шпанците ги карактеризира трпелива игра со голем посед на топката и поблага варијација на филозофијата „тики-така“, но селекторот Луис де ла Фуенте се покажа како одличен стратег, особено со тајмингот на измените во текот на натпреварите.
Добра вест за францускиот селектор Дидие Дешан е што капитенот Мбапе е подготвен за игра. Тој излезе порано на дуелот со Мароко во четвртфиналето поради проблеми со скочниот зглоб, но очигледно станувало збор само за мерка на претпазливост. Орелиен Чуамени повторно е подготвен за игра, но Дешан веројатно ќе го остави на клупата.
Луис де ла Фуенте нема поголеми кадровски проблеми пред полуфиналето, а единствен неизвесен е настапот на Виктор Муњос, кој досега не одигра ниту една минута на турнирот.
Полуфиналето помеѓу Франција и Шпанија се игра вечерва од 21 часот на стадионот во Арлингтон, Тексас. Второто полуфинале е утре помеѓу актуелниот светски првак Аргентина и Англија, а почнува од 21 часот во Атланта.
*Фотографијата е креирана со помош на вештачка интелегенција.
