Во Македонија во 2024 година биле создадени 755,7 илјади тони комунален отпад, односно во просек по 417 килограми по жител, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Најголемиот дел од отпадот потекнува од домаќинствата, а најмногу се создава и собира во Скопскиот Регион.
Иако количината на комунален отпад е пониска од просекот во Европската Унија, главен предизвик остануваат селекцијата и рециклирањето. Според статистиката, дури 99,8 проценти од комуналниот отпад завршува на депонии, додека само мал дел се селектира. Од селектираниот отпад, најголемо учество имаат органскиот отпад, пластиката и хартијата.
Податоците покажуваат дека во 2024 година индустријата создала околу 1,2 милиони тони отпад, при што најголем дел потекнува од преработувачката индустрија и рударството. И покрај тоа што вкупните количини се пониски во споредба со европските земји, предизвик останува високото учество на опасниот отпад и потребата од поефикасни системи за негов третман и повторна употреба.
Македонија сè уште е во процес на транзиција кон циркуларна економија, а стапката на селекција и рециклирање останува ниска. Во меѓувреме во процес на реализација се повеќе инвестиции и проекти насочени кон подобро управување со отпадот. Меѓу нив е и заемот од 55 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кој е наменет за изградба на регионални системи за управување со отпад, рециклажни центри и затворање на дивите депонии.
Напоредно со тоа, започнат е и процес на проширување на системот на одговорност на производителите, со кој компаниите треба да преземат поголем дел од обврските и трошоците за управување со отпадот што го создаваат нивните производи.
Во земјава функционираат и повеќе иницијативи што треба да го поттикнат рециклирањето. Организацијата „Тексомак“ работи на собирање и рециклирање текстилен отпад, „Пакомак“ поставува повратни вендинг-машини за пластични шишиња и лименки, преку кои граѓаните добиваат поени, додека платформата Recycle.mk овозможува полесно пронаоѓање локации за селекција на отпад и компании што се занимаваат со рециклирање.
Сепак најголемата одговорност останува кај поединецот, кој треба да биде свесен за значењето на рециклирањето, но и последиците. Експертите предупредуваат дека недоволното рециклирање доведува до побрзо исполнување на депониите, загадување на почвата, водата и воздухот, поголеми емисии на стакленички гасови и губење на вредни суровини што би можеле повторно да се искористат. Истовремено, се зголемуваат трошоците за управување со отпадот, а ризиците за јавното здравје се поголеми поради неконтролираното складирање и согорување на отпадот.
