Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжи расправата по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година, во второ читање.
На вториот ден од општата расправа по предлог ребаланост на Буџетот за 2026 година, пратениците од владејачкото мнозинство порачаа дека ребалансот, претставува одговор на променетите економски околности, инструмент преку кој Владата ги усогласува јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и граѓаните – нотирајќи зголемени буџетски средства за инвестиции, плати и социјални трансфери, средства за капитални инвестиции, инфраструктурни проекти, инвестиции во водостопанството, комуналната, образовната, здравствената и еколошката инфраструктура…
Според опозицијата наместо вистински реформи, повторно се оди по полесниот пат: поголем дефицит и ново задолжување, посочувајќи дека не се адресираат клучните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, како растот на цените, инфлацијата и зголемувањето на буџетскиот дефицит.
Расправата за ребалансот на Буџетот во матичната собраниска Комисија трае 10 дена и продолжува во понеделник во 12 часот. По предлог ребаланост на Буџетот за 2026 година, поднесени се вкупно 224 амандмани, од кои од ДУИ – 87, СДСМ – 78, Левица – 51 и од Коалицијата ВРЕДИ осум амандмани.
Весна Ѓорѓиева пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Комисијата истакна дека со предложениот ребаланс вкупните приходи се зголемуваат од 374 милијарди денари на 379,5 милијарди денари, а тоа е зголемување од 4 милијарди 575 милиони денари.
Особено сакам да нагласам дека ребалансот не значи откажување од развојната политика. Напротив, со предложениот ребаланс вкупните приходи се зголемуваат од 374 милијарди денари на 379,5 милијарди денари, а тоа е зголемување од 4 милијарди 575 милиони денари. Во првиот квартал од 2026 година, според Државниот завод за статистика, бруто домашниот производ забележа раст од 3,1% и што докажува дека домашната економија успешно се приспособува на сите предизвици што ги донесе најголемата светска криза. Индустриското производство покажува закрепнување – кажа Ѓорѓиева.
Ѓорѓиева потенцираше дека со ребалансот гледаме зголемување на капиталните дотации кон единиците на локалната самоуправа кои се зголемуваат за 66,1% и достигнуваат 4 милијарди 235 милиони денари. Тоа значи повеќе локални проекти, повеќе јавна инфраструктура.
Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, во своето обраќање на Комисијата, посочи дека Владата на почетокот на донесувањето на Буџетот за оваа година велеше дека ова е развоен буџет во којшто ќе имаме раст од 3,8%, меѓутоа сега самата таа проекција ја намалува на 3,1%.
Тоа значи дека планот на Владата којшто бил поставен во декември месец 2025 година, сега се намалува. Од една страна планот се намалува, значи сè она што се предвидува плански го намалуваме, а само реторички го зголемуваме за да, нели, во ПР и стратегијата за ПР-от тоа биде прикажано некако сосема поинаку пред граѓаните – изјави Спасовски.
Во исто време, спроед Спасовски, задолжувањето расте од 121 милијарда денари на 140 милијарди денари, а дефицитот се зголемува на 4,1%.
Даночните приходи се намалуваат речиси за една милијарда, додека од друга страна пак расте ставката разни трансфери. Оние ставки за коишто и ние, меѓутоа и граѓаните веќе добро знаат и често се доаѓа без јасно објаснување каде се трошат финансиските средства од ваквите ставки. И истовремено се најавува зголемување на платите, но ако погледнеме во ставката на придонесите, тие остануваат исти. И тука нема никаква логика – да од една страна имате зголемување на плати, а од друга страна ставката на придонесите да остане иста. Или растат платите и со тоа ќе растат и придонесите, или не може да растат платите, а придонесите да бидат на исто исто ниво – изјави Спасовски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, истакна дека според податоците за реализацијата на капиталните расходи, во 2024 година таа изнесувала 12,9 милијарди денари, додека во моментот достигнува 19,3 милијарди денари. Тој, исто така, посочи дека со ребалансот на Буџетот капиталните расходи се зголемуваат за 4,747 милијарди денари, платите за 1,128 милијарди денари, а субвенциите и трансферите за 3,094 милијарди денари, при што дел од средствата се насочуваат кон земјоделство, железничкиот сообраќај, студентскиот и ученичкиот стандард, како и социјалните трансфери.
Во расправата се вклучи и Игор Здравковски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кој истакна дека бројките и фактите се јасни и покажуваат дека за разлика од минатото и владеењето на СДС сега Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инвестира и вложува во подобар животен стандард на граѓаните.
Реалноста е следнава даноците се зголемени во јуни конкретно со бројка оваа година 13,26 милијарди денари се собрани. Во 25та се обрани 9,37 милијарди, односно 3,89 милијарди или 41,6% повеќе. Социјалните придонеси 10,29 25та 11 526 или 12% зголемување 1,23 ќе ви кажам зошто ова го кажувам. Даноците јануари јуни 25та вкупно 64,93 милијарди јануари- јуни 26та 74,61 милијарда или 9,68 милијарди повеќе односно 14,9% социјалните придонеси исто така зголемување со 7,6%. Ова го кажувам затоа што ова е слика на потрошувачката и на приходите на граѓаните. Вие цело време велите имаме сиромаштија, граѓаните не можат ништо да си дозволат. Граѓаните не знам ги понижувате, ги омаложувате. Дај Боже ова да е дупло повеќе. Не е повеќе дупло, меѓутоа е многу повеќе од она што беше претходно, заклучи Здравковски.
Со предложениот ребаланс вкупните приходи се ревидираат на ниво од 379,5 милијарди денари. На приходната страна даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари. Неданочните приходи бележат значително подобрување и се зголемуваат за речиси два милијарди денари, а донациите бележат пораст од речиси 2,7 милијарди денари.
На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари, а дополнителни средства се обезбедени за земјоделските субвенции (1,4 милијарда денари повеќе или вкупно 8,7 милијарди денари), за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршка на спортот, студентскиот и ученичкиот стандард…
Кај расходите за стоки и услуги се врши намалување од приближно 837 милиони денари преку реалокација на средствата и нивно насочување кон приоритетните потреби, а од друга страна, особено значење се придава на развојната компоненета и се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат речиси 46 милијарди денари и се зголемуваат за приближно 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти раст во однос на иницијалниот буџет.
